На средбата со граѓани, членови и симпатизери на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија викендов во Охрид, претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски остро ја нападна опозицискаата СДСМ оценувајќи дека е структура која ја изгубила врската со реалноста и денес опстојува само преку фабрикувани скандали и ПР-трикови.
Уште поостар тој беше кон лидерот на социјалдемократите.
Венко, за што ќе ја искористиш “златната виза” од Дубаи која призна дека ја поседуваш? Човек кој добил можност трајно да се исели од државата, не може да биде партиски лидер. Со една нога надвор од Македонија, со мисла за бегство наместо за обнова – не се станува водач на народ. Златна виза во џеб значи златна резерва за бегство – а не визија за иднината на нашата татковина, рече Димитриевски.
Претседателот на ЗНАМ упати и повик до членовите на СДСМ да станат дел од вистинската промена и, како што рече, да се приклучат на движење што не ги купува идеалите – туку ги живее.
Вие, вистинските социјалдемократи, знаете што значи борба за правда, знаете што значи солидарност. Тоа што го браневте некогаш, денес го гуши актуелното раководство. Време е да застанете од правата страна на историјата – за народот, а не за фотелјите, рече Димитриевски.
СДСМ возврати со соопштение во кое се посочува дека луѓе фатени во корупција ниту може некого да прозиваат а уште помалку да се претставуваат како некаква морална алтернатива.
Максиме, нема бегање од вистината, сè излегува на виделина. Тоа досега требало да ти биде јасно. Како што излезе и корупцискиот скандал со златни парцели поврзани со тебе и твојот кум. Народот чека одговори и бара одговорност. Погледни ги граѓаните во очи и кажи. Како се вртат 350.000 евра преку бизнис зделки во твојата општина? – стои во реакцијата на СДСМ.
Социјалдемократите му порачаа на Димитриоевски дека е прочитан и од членовите на ЗНАМ и од граѓаните и затоа му бега членството.
Откако СДСМ ја искористи за личен бенефит, ЗНАМ ја направи само да ти биде алатка за твоите бизнис интереси и лично богатење, параван за твоето слугување кон ВМРО ДПМНЕ. Тоа веќе сите го знаат. Македонија ќе ја биде кога од политичката сцена ќе се искоренат полуписмени и криминализирани луѓе кои политиката ја користат само за да украдат нешто, макар и еден пар чизми, се вели во реакцијата на СДСМ.
Г.М.