Средба на кошаркарските легенди од поранешна СФРЈ по повод одбележувањето на 80. роденден на кошаркарскиот тренер Лазар Лечиќ, денеска се одржа во просториите на Град Скопје.

За неговиот исклучителен придонес во креирањето и подемот на македонската модерна кошарка градоначалникот Петре Шилегов на Лечиќ му додели благодарница.

Шилегов истакна дека Лечиќ ќе остане запаметен како незаменлив мотиватор на многу кошаркарски генерации.

  • Првиот кошаркарски натпревар што го имам одгледано е уште кога ‘Цибона’ беше ‘Локомотива’. Вие сте моите идоли, низ години дарувавте радост на многу генерации, а нема поубаво чувство како кога некому ќе му подарите среќа. Ви благодарам за честа што му ја укажавте на Скопје и на нашиот Лазар Лечиќ со вашето присуство. Лазо е спортска легенда, тој е човекот што ја донесе кошарката во Скопје и создаде генерации врвни кошаркари. Му пожелувам среќен роденден и уште многу убави мигови поминати во вакво пријатно друштво. – рече Шилегов.

Лечиќ од Град Скопје доби и плочка со гравура од Камениот мост и се заблагодари за укажаната почит.

На денешната средба што се одржа во просториите на Град Скопје златните момчиња на југословенската кошарка споделија анегдоти за своите настапи на домашните и меѓународните натпреварувања, зборуваа за значењето на освоените медали и за иднината на овој ултрапопуларен спорт.

Во чест на великанот Лазар Лечиќ и неговиот 80. роденден, денеска ќе се одржи и академија во организација на Македонскиот олимписки комитет, Македонската кошаркарска федерација, Агенцијата за млади и спорт, КК „Работнички“ и КК „МЗТ Скопје Аеродром“. Целта на организаторите е да му оддадат признание на овој спортски великан за сè што направил за македонската и за југословенската кошарка.