Почетоците на златната доба во охридското и македонското пливање, пливањето како начин на живот на Нико Нестор, Климен Савин, Атина и Дики Бојаџи и успесите на охридските пливачи биле идеја и мотивација за Љупчо Паункоски да го сними и реализира документарниот филм „Охридските пливачки легенди“, кој синоќа беше премиерно прикажан во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Идејата за филм посветен на охридските пливачки легенди во мене беше присутна одамна, а ја остварував постепено, собирајќи материјал на секоја моја средба со било кој човек поврзан со пливањето. Мотивацијата ми беше пливањето, бидејќи и јас како младо момче тренирав и настапував на натпревари во пливање. Знам што значеше пливањето во Охрид и затоа сакав да направам филм со кој ќе се одбележи тоа време.  – изјави Паункоски.

Тој додаде, дека најголема помош добил од Александар „Леко“ Радиќ, со кој, секогаш разговарале со пливањето.

Леко Радиќ се ми раскажа, како се одвивал развојот на пливањето во 60-тите години. Тој немаше нешто што на знаеше и затоа многу ми е драго што успеав да го снимам и да биде дел од овој документарен филм. Леко Радиќ покрај за него, зборуваше и за Атина Бојаџи, а за Климе Савин раскажува неговиот брат Ристе Савин. Со Нико Нестор се видовме и договоривме средба во Охрид, но во меѓувреме тој почина и не успеавме да направивме муабет и да го ставам во филмот. Со Дики Бојаџи кој доаѓа во Охрид во летниот период разговаравме и евоцирањето на спомени е дел од филмот. – рече Паункоски.

Паункоски посакува документираниот филм „Охридски пливачки легенди“ да биде поттик а младите и за сите други, кои директно и индирекно се вклучени во пливањето да го вратат сјајот на овој спорт и повторно да биде репрезент на градот во светските рамки.

Документираниот филм „Охридски пливачки легенди“

Љупчо Паункоски е вљубеник во фотографијата, а неговата камера има оставено бројни видеосведоштва за Охрид, значајни личности кои оставиле личен печат во градот, но и за родната Малесија.  По професија е електротехничар, има работено на одржување на радио и ТВ-предавателот на Мали Влај, а бил и оператор во охридското кино.

Идејата, сценариото и режијата е на Љупчо Паункоски, а монтажата е на Томе Љушев – Шпанец. Во филмот користена е архива на Конотеката на Македонија, како и лична фото-архива на Леко Радиќ и семејствата на Славе Филев и Климе Савин.

Мх.П.