Според информациите од министерството за внатрешни работи, во струшко Радолишта регистрирани се два проблема во текот на гласањето.

На гласачко место 1876 приведен бил албански државјанин поради сомнение дека гласал со македонски документ. По преземени мерки, било утврден идентитетот дека се работи за 24 годишно лице против кое, Полициската станица Струга ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „злоупотреба на избирачко право“ .

Во истото село, на избирачко место 1877, во 11,44 часот, овластен набљудувач од партија пријавил дека бил отстранет од страна на избирачкиот одбор.

Освен во струшко, проблеми при гласање се регистрирани и во Струмица и Кочани, но како што велат од МВР не станува збор за посериозни инциденти.

– Изборниот ден минува мирно, во фер и демократска атмосфера. Заклучно со 14.00 часот, не е регистриран ниту еден посериозен инцидент, ниту пак до нас се пристигнати пријави за какво било поголемо нарушување на избирачкиот процес. Во моментов гласањето се одвива без проблеми на сите, над 1600 гласачки места, освен на неколку избирачки места, каде заради помали проблеми, дојде до прекин на гласањето кое подоцна продолжи, информираат од МВР.

OhridNews