Здружението на новинарите на Македонија(ЗНМ) најостро ги осудува нападите, вербалните закани и попречувањето на работата на новинарските екипи на протестот пред општина Центар во Скопје.
„Загрижува појавата што на протести постојано се напаѓаат новинарите и снимателите при вршење на својата работа, додека полицијата која е во близина е само нем посматрач на овие груби повреди на слободата на јавното изразување, но и на нарушената безбедност на новинарските екипи. Исто така непримерно е граѓаните кои учествуваат во јавните протести гневот да го истураат врз новинарите, снимателите и фото-репортерите кои се на работна задача.“ – стои во реакцијата од ЗНМ.
Оттаму велат дека постојаните физички напади против медиумските работници говори во каков амбиент работат новинарите.
„Го повикуваме Министерството за внатрешни работи на Македонија во иднина да преземе мерки за да не се повторат напади и закани врз новинари во полициско присуство, а исто така очекуваме од МВР да ги обучи своите припадници за улогата на медиумите во демократско општество и каков лош имиџ на државата носат нападите врз новинарите, особено во присуство на полициски службеници.“ – додаваат од ЗНМ.
Од ЗНМ се надеваат дека МВР ќе покрене постапки за напаѓачите врз новинарите не само во овој случај, туку и за претходните протести кои се случуваа во земјава.
OhridNews