Здружението на новинари на Македонија го поддржува усвојувањето на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда од Владата на Македонија, на чие изготвување учествуваа и претставници на ЗНМ во период од речиси една година.

-Посебно го поздравуваме храбриот чекор на Владата што одлучи да не ја декриминализира само клеветата и навредата, туку целата Глава од Кривичниот закон што се однесува на делата против честа и угледот. За нас како здружение од суштинска важност е да се вградат сите забелешки на експертите на Советот на Европа за да бидеме сигурни дека сме донеле закон со најдобрите европски практики од оваа област, изјави Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Тој изрази надеж дека за решенијата на законот ќе се води отворена и аргументирана јавна расправа, со цел да се идентифукуваат евентуалните слабости и да се подобрат решенијата.

-Ние сме убедени дека овој закон значително ќе ја подобри законската рамка за слободата на изразувањето и слободата на медиумите.  Целта на неговото донесување ќе се постигне само ако сите ние почнуваме да ги менуваме нашите навики.
Носителите на јавни функции да разберат дека мора да ги издржат критиките од јавноста и тогаш кога тие можеби изгледаат претерани. Судиите исправно да го применат законот, а новинарите да  покажат поголема посветеност кон почитување на професионалните стандарди и етика, рече Селмани.

Тој додаде дека успехот нема да биде целосен ако Владата во наредниот период не постапи и по другите прашања од дијалогот со ЗНМ.

-Тоа се владините кампањи, социјалните и работничките права на новинарите, реформата на јавниот радиодифузен сервис и секако зголемување на транспарентноста на институциите, подвлече Селмани.

OhridNews