Здружението на новинарите на Македонија најостро го осудува вербалниот напад на градоначалникот Стевче Јакимовски врз новинарот на ТВ Сител Александар Спасовски на вчерашниот протест пред Собранието. ЗНМ особено ги осудува обидите на политичарите физички да се пресметуваат со новинари заради нивниот начин на известување. За нас е неспорно дека работата на новинарите е јавна и дека таа е подложна на оценка од јавноста но сметаме дека незадоволството треба да се искаже на цивилизиран начин.

-Ги повикуваме сите јавни личности да се воздржат од било какви напади врз новинари и доколку имаат забелешки за нивното известување да се обратат до Советот на честа на ЗНМ или до медиумите за да се санираат евентуални штети предизвикани од таквото известување. Со цел превенирање на вакви ситуации, ги повикуваме сите новинари, уредници и сопственици на медиуми да го подржат процесот за воспоставување на систем на саморегулација во медиумите со што ќе се придонесе за зајакнување на професионалните стандарди и етика. – стои во реакцијата на ЗНМ.

Здружението на новинарите на Македонија бара одговорност за вчерашниот немил настан, кога новинарите коии ја следеа тензичната седница беа избркани од галеријата од страна на обезбедувањето на парламентот.

-Доколку премиерот навистина жали за инцидентот потребно е да се лоцира виновникот за немилиот настан и истиот да одговара, само така навистина ќе не увери во кажаните зборови, истакна претседателот на ЗНМ Насер Селмани.

OhridNews