
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани ги објасни околностите во кој се случи инцидентот со новинарите во Собранието на РМ и го повтори ставот на Управниот Одбор на здружението дека за надминување на оваа ситуација потребно е да се лоцира и да се понесе одговорност од надлежните институции и одговорните лица.
-Со тоа, ќе се покаже дека Уставот на РМ не е само декор и попречувањето на работата на новинарите не може се толерира. Тоа е потврда дека институциите функционираат и дека тие ќе ги превенираат и санкционираат евентуалните идни инциденти.-истакна Селмани.
За ЗНМ не е битна формата како ќе се дојде до расветлување на инцидентот, битно е декларативното изразување на жалење од страна на државниот врв да биде проследено со конкретни резултати на утврдување на одговорност. Според Селмани, разочарувачки ќе биде ако нема политичка волја да се расветли инцидентот и со тоа ќе се компромитира една инцијатива која имаше за цел на европски начин, низ дијалог да се решаваат прашањата во медиумите.
Генералниот директор за проширување на Европската Комисија Санино, изрази надеж дека ситуацијата ќе се надмине брзо и ЗНМ, како важен чинител во овој процес, ќе се врати на разговорите со Владата и ќе учествува во решавање на идните предизвици во медиумскиот простор. Санино верува дека за надминување на сегашната ситуација потребна ќе биде политичка волја од надлежните институции кои ќе најдат начин да го расветлат инцидентот и да утврдат одговорност.
Беше заклучено дека консултациите помеѓу ЗНМ и Европската комисија ќе продолжат во интерес на надминување на сегашната ситуација и за продолжување на европската агенда за унапредување на слободата на изразувањето во Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ.












