Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) со финансиска поддршка од Шведска, денеска ги додели наградите за најдобри новинарски стории за 2025 година на тема: „Справување со загадувањето на воздухот – јакнење на јавната свест за проблемите и можните решенија“.

Станува збор за сеопфатна видео-сторија која вклучува релевантни соговорници од институции, локални власти, експерти, граѓански организации и граѓани. Истражувањето опфаќа едногодишно земање мостри и мерења, при што се утврдуваат конкретните извори на загадување во повеќе града во државата. Според комисијата, сторијата е изработена согласно највисоките професионални стандарди и нуди јасен увид во проблемот, но и можни насоки за негово надминување.
Втора награда ја доби Бојан Блажевски од Призма за сторијата „Властите виновни за занемарувањето на македонската депонија со фосфогипс“.
Комисијата оцени дека оваа истражувачка сторија нуди темелна анализа, богата документација и визуелизации, со што придонесува за продлабочување на јавната дебата и отчетност на институциите.
Трета награда му се додели на Владимир Калински од Радио Слободна Европа за сторијата „Секој здив боли“, која преку лична приказна ја прикажува човечката димензија на аерозагадувањето и неговото влијание врз здравјето на граѓаните. Комисијата оцени дека станува збор за силен и професионално изработен текст кој ја доближува темата до јавноста преку емотивен, но аргументиран пристап.
Дополнително, беше доделено посебно признание на Орце Костов од Фокус за сторијата „Ниедна мерка не дава резултат, скопјани дишат најотровен воздух во Европа“, како поттик за понатамошна работа на теми од областа на животната средина и истражувачко новинарство.
Во рамки на настанот свои обраќања имаа претставници на организаторите и поддржувачите.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, во обраќањето ја нагласи улогата на новинарите во кревањето на јавната свест и моќта на медиумите да поттикнат институционална одговорност и општествени промени.
Со темелна анализа и посветена работа, новинарите можат да ги хуманизираат последиците од загадувањето и да покажат како тоа влијае врз семејствата, децата и ранливите категории. Кога приказната ќе добие човечко лице, станува повик на акција, истакна Чадиковски.
Амбасадорот на Кралството Шведска, Ола Сулстром, се осврна на значењето на поддршката на слободното и професионално новинарство како клучен столб на демократските процеси и одржливи политики за заштита на животната средина.
Постојаниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григорјан, ја истакна улогата на медиумите во информирањето на јавноста и во поттикнувањето решенија засновани на податоци и факти. Тој нагласи дека со повикот и наградите се охрабрува поголема и поконзистентна медиумска покриеност на темата за аерозагадувањето на локално и национално ниво, со цел јавноста да биде подобро информирана.
На јавниот конкурс пристигнаа вкупно 20 новинарски стории, а комисијата беше составена од новинарите Соња Петрушевска, Един Растодер и Горан Момироски.
OhridNews











