
-Од регионалните центри на ЗНМ во Битола, Струмица и Штип сме известени дека сопствениците на неколку регионални медиуми бараат од новинарите да потпишат пристапница на Македонската асоцијација на новинари (МАН). Новинарите биле условени да го сторат тоа, во спротивно сопствениците им се заканиле дека ќе ги отпуштат. Објаснувањето на сите сопственици коишто го вршат овој притисок врз новинарите е дека тоа мора да го прават зошто се уценети со реклами. Сметаме дека овие форми на притисок претставуваат груба злоупотреба на моќта на јавните функционери со кои имаат за цел да ги заплашуваат новинарите и директно ги кршат основните човекови права, правото на слободно здружување и слободата на изразување.-се вели во соопштението на ЗНМ.
Оттаму ги повикуваат членовите на ЗНМ да не потклекнат на ваквите притисоци, а од претставниците на локалната и централната власт бараат веднаш да престанат со ваквите непримерни однесувања. „Доколку овој вид на притисок против медиумите и новинарите не престане ќе покажат дека намерата на власта не е да ги решат проблемите со слободата на медиумите туку и да ја контролира слободата на здружување на новинарите.“-додаваат од ЗНМ.
Од ЗНМ сметаат дека Владата има проблем со позициите на Здружението на новинарите на Македонија во врска со слободата на изразувањето и Нацрт законот за медиуми и аудиовизуелни услуги, односно конкретните предлози за подобрување на предложениот закон.
-Нашето здружение, во рамките на јавните дебати, но исто така и на неформални средби одржани со високи владини претставници, инвестира огромни конструктивни напори за заеднички да се подобри текстот на нацрт-законот за медиуми, постојано повторувајќи ги нашите препораки коишто се во согласност со оценките и анализите на Советот на Европа и ОБСЕ. Затоа ги суспендираме сите контакти со властите сѐ додека не престанат притисоците врз новинарите.-стои во соопштението.












