„Целта е да се даде можност, на сите новинари без разлика дали се членови на ЗНМ или не, којшто се со различни ставови, убедувања и интереси, но имаа искрена намера и добра волја, да помогнат во обединување на медиумската заедница. Ние сме убедени дека со поголемо единство меѓу новинарите, подобро ќе се справуваме со предизвиците кои не очекуваат во наредната година“, изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
„Ќе испратиме покани буквално до сите медиуми. Наместо јавно да се конфротнтираат да дојдат овде во ЗНМ, да ги отвориме картите и да видиме каде сме, што сме направиле и што можеме да направиме. Во 2012 година ЗНМ и новинарството ќе биде пред сериозен предизвик, по сите оние најави дали ќе има нови законски решенија кои што треба да не ограничуваат или да не ослободуваат дополнително. И затоа е таа понуда, отворена покана до сите наши колеги, да не излезе на крајот дека ЗНМ се затворило во еден мал круг на луѓе. Затоа ја испраќаме таа покана до тие наши критичари, возрасни и искусни колеги“, изјави портпаролот на ЗНМ, Мишко Иванов.
Форумот е замислен да функционира надвор од структурите на ЗНМ, а здружението ќе биде како логистичка поддршка каде ќе се дискутира за битни прашања за новинарството.
„Ова е можност да покажеме дека ние нашите одлуки не ги носиме надвор од она што е интерес на новинарите и новинарството. Затоа сакаме да ги повикаме сите оние кои што имаат добра намера, да помогнат, да на некој начин влијаат на подобрување на нашата работа. Да излеземе со став пред претстојните разговори со владата кои во следниот месец ќе влезат во клучна фаза кога ќе треба ние да испорачуваме конкретни резултати. Крајно време е, по три месеци договарања и преговарања да испорачаме нешто конкретно“ вели Селмани.
Од ЗНМ не открија конкретни имиња на новинари кои би биле членови на овој Форум.
извор: „Макфакс“