Во врска со информациите пласирани на јавниот сервис и други медиуми за наводниот случај на убиство на македонски студент во Солун, Советот на честа при Здружението на новионари на Македонија уште еднаш повика на професионален однос, етичко однесување и почитување на Кодексот на новинарите.

-После неколку дена ниту една надлежна институција во Македонија и Грција не ја потврди информацијата што ја пласираше јавниот сервис, со што стана јасно дека немало никакво убиство и дека станува збор за невистина и дезинформација, со која јавноста е доведена во заблуда, предизвикан е немир меѓу луѓето,  нивните чувства се повредени.

Зарем на уредници и медиуми со децениско искуство треба да им се укажува што и кој е официјален извор на информација и колку „тежи“ вест која потекнува од објава на социјалните мрежи ?

Со ваквиот однос, кој е непрофесионален, неетички и спротивен на одредбите од Кодексот на новинари, самите новинари ја девалвираат својата професија и ја спуштаат на ниво, јавноста во чиј интерес работат да не им верува.

Медиумите и новинарството имаат посебна и важна улога во општеството.  Оваа професија не трпи несериозен однос, импровизација и непрофесионалност, како што тоа е направено во случајот со објавувањето на веста за наводното убиство на македонскиот студен во Солун.-се вели во соопштението

Советот на честа апелира на одговорен однос и почитување на новинарските правила и стандарди, наспроти објавувањето на непроверени и невистините информации во трката по ексклузивност и сензационалност, без да се размислува за штетата што при тоа е се прави.

OhridNews