Советот за радиодифузија (СРД) донесе многу опасна одлука и создаде опасен преседан со одземањето на дозволата на А2 телевизија, смета Здружението на новинарите во Македонија.
„Советот требаше да и даде уште една шанса на телевизијата да ги исполни сите услови бидејќи целта на спроведување на законот треба да биде да имаме поодговорни медиуми, а не да ги затвораме, тоа треба да биде крајна мерка. СРД донесе многу опасна одлука и создаде опасен преседан, затоа што ако во иднина постапува слично како што постапи вчера, во Македонија не треба да постои ниеден електронски медиум бидејќи сите електронски медиуми имаат проблем со програмскиот формат“ рече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
Тој, како што пренесува „Маккас“, го коментираше и вчера потпишаниот договор за декриминализација на клеветата и навредата. Спред него главните придобивки на новинарите се тоа што нема да има казна затвор за новинарите, одговорноста за тоа што ќе биде објавено во медиумот ќе ја делат новинарот, уредникот и сопственикот на медиумот и ќе се ограничат надоместоците за нематеријална штета.
Селмани најмногу се задржа на споделувањето на одговорност и на ограничувањето на надоместоците.
„По донесувањето на овој закон новинарите нема да бидат главната жртва ако некој биде осуден за клевета и навреда. Одговорноста мора да да биде споделена меѓу новинарот, тој што го пишува текстот, уредникот кој го одобрува и издавачот кој го издава весникот. Не може повеќе новинарите да бидат топовско месо во пресметката меѓу медиумите со неистомислениците. Главните и одговорните уредници мора да бидат одговорни,
Најголемите критичари се уредниците. Зошто? Затоа што ќе им се расипе комодитетот кој го имаат. Кога ќе се добијат тужбите, на суд завршуваат новинари и тие ги плаќаат надоместоци. Има многу новинари кои земаат пола плата со години за да ја платат тужбата. Каде беа тие уредници да протестираат и да се бунат дека тоа е самоцензура“ праша Селмани.
Досегашната максимална казна за клевета и навреда во кривичниот законик е 1,8 милиони евра и според Селмани е многу повисока од она што го договорија вчера владата и ЗНМ, 2.000 евра за новинарот, 10.000 евра за уредникот и 15 илјади евра за сопственикот на медиумот.
За пресвртот во преговорите меѓу ЗНМ и владата голем придонес дала Европската Унија, откри Селмани, најмногу помогнал директорот на Директоратот за проширување на Европската Унија Стефано Санино.
Предлог законот ќе биде ставен на јавна дебата. Според податоците на ЗНМ, моментално се во тек судски процеси против 290 новинари. Со ова предлог законско решение, ќе запрат и правосилните судски одлуки во кривичниот суд и новинарите кои немаат започнато да ја отплаќаат казната нема да треба да ја платат. Тужителот ќе има можност да поднесе повторно тужба во рок од три месеци. За пресудите за навреда и клевета кои не се правосилни, постапката запира, а тужителот има право да поднесе тужба во рок од еден месец.
извор:„Макфакс“