Според овие организации во Изборниот законик има три проблематични делови.
„Законот го зголемува рекламното време во предизборието, со што се доведува во контрадикторност со Законот за радиодифузна дејност, а ова е противречно и на АВМС-директивата на Европската комисија, која поставува принцип од максимум 20%, т.е. 12 минути од еден час за реклами; Овозможува медиумите да донираат во предизборни кампањи до 5 отсто од годишниот промет; ДИК во предизборието има надлежности над печатот“ стои во соопштението на трите организации.
Според нив, особено загрижува членот 83-а (5) од Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, според кој попустите во цените кои ги даваат радиодифузерите и печатените медиуми за политичко рекламирање на учесниците во изборната кампања се сметаат за донација изразена во парична вредност.
„Со ова сметаме дека медиумите најдиректно се поткупуваат и се злоупотребуваат за партиски цели. Предлагаме новиот изборен законик да содржи забрана според која на медиумите нема да им биде дозволено да бидат донатори на политичките партии“ се додава во соопштението.
Тие апелираат до пратениците сериозно да ги земат предвид овие забелешки и предлозите да ги вградат во новото законско решение.
Makfaks