Новата медиумска регулатива, која неделава беше усвоена во Владата, Предлог-Законот за медиуми и Предлог-Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не се во духот на европските стандарди. Владата не успева да ги вгради суштинските забелешки на домашните и меѓунардните институции, се вели во заедничката реакција на Здружението на новинари на Македонија – ЗНМ, Синдикатот на медиумските работници ССНМ, Македонскиот институт за медиуми – МИМ и Центарот за развој на медиуми ЦРМ.
„И покрај поделбата на законот останува решението Агенцијата за медиуми да ги регулира сите видови медиуми. Тоа е во спротивност со препораките на експертите на Советот на Европа и ОБСЕ, кои препорачуваат да се напушти идејата во законот да има единствен регулаторен режим за сите водови медиуми. Поделбата на законот е само механичко одделување на одредбите, а не и суштинско раздвојување на третманот на печатените и електронските медиуми од радиодифузерите.
Останува загриженоста околу независноста на регулаторното тело, Агенцијата за медиуми. Иако има зголемување на учеството на цивилнииот сектор во предлагањето на членовите на Советот на Агенцијата, мнозинство од неговите челнови ги предлагаат политички институции, Собранието и ЗЕЛС.. Не е прифатена сугестијата на експертот на Советот на Европа номинацијата и изборот на членовите на Советот од Комисиијата за избори и именувања да се врши со двотретинско мнозинство.
Уште посилно политичко влијание има околу номинацијата на членовите на Советот на Македонската радиотелевизија. Од 13 членови на Советот, десет предлагат политички и јавни институции. Со тоа се намалуваат шансите МРТ да прерасне во вистински јавен сервис на граѓаните.
Не е земена во предвид ниту забелешката за бришење на дефиницијата новинар, која според експертите може да има ограничувачки ефект врз слободата на изразувањето. Не е регулирано прашањето за исправка и одговор согласно Европската директива за аудиовизуелни услуги, не е запазен принципот на пропорционалност во делот за казнените одредби, не е јасно определено во кои случаи која мерка ја изрекува Агенцијата и конечно, не е обезбедена судска заштита за сите дејствија на Агенцијата.
Поради овие причини сметаме дека Владата треба да го повлече Предлог законот за медиуми, затоа што нема никаво образложение и потреба за тоа, а Предлог законот за аудио и ауидовизуелни медиумски услуги да се корегира согласно забелешките на домашните и странските институции.
Наместо Закон за медиуми, кој не го бара ни заедницата, ниту Европската Комисија, Владата треба да понуди законско решение за владините кампањи и за донациите на медиумите за изборната кампања за политичките партии.“- стои во заедничкото соопштение на ЗНМ, ССНМ, МИМ и ЦРМ.