Поранешниот италијански репрезентативец, Џанфранко Зола (48) е именуван за нов шеф на стручниот штаб, на калчолигашот Каљари. Информацијата ја објави клубот на својата интернет страница, а Зола на клупата ќе го наследи Зденек Земан.


Каљари, во моментов во Серија А, се наоѓа во опасната зона со освоени 12 бодови во првите 16 натпревари.

Зола е роден на Сардинија, а токму во Каљари во 2005 година стави крај на својата богата фудбалска кариера. Зола во кариерата играше за нисколигашите Ноуресе и Торес, а потоа за Наполи, Парма и Челзи во чиј дрес одиграл 229 натпревари и постигнал 59 голови. Во Каљари каде ја заврши кариерата играше од 2003 до 2005 година, на 74 натпревари постигна 23 гола и му помогна на тимот да се врати во Серија А.

Зола во периодот од 1991 до 1997 година одиграл 35 натпревари за италијанската репрезентација, за националниот тим постигнал 10 голови, а беше дел од тимот кој во 1994 година загуби на пенали од Бразил во финалето на Светското првенство во САД.

Тренерската кариера ја започна во 2006 година како помошник во младата италијанска репрезентација, потоа од 2008 до 2010 година го предводеше Вест Хем, а од јули 2012 до декември 2013 беше тренер на Вотфорд.

Според информациите од клубот Зола потпишал договор до крајот на оваа сезона.

„Макфакс“