Македонскиот поет и преведувач Зоран Анчевски е добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2022 година.

Жири комисијата на одржаниот состанок претходно едногласно ја одбра поемата „Коњски житија“ под шифрата „Џамбаз“ од вкупно 11-те пристигнати на Kонкурсот објавен од НУ Центар за култура „Григор Прличев“ како највисоко рангирана по бројот на бодови врз основа на аргументираните мислења на секој член од Комисијата.

Потребна е поширока популаризација во однос на промоција на изданието на добитничката поема освен во Охрид, таа да се прошири и во други градови во државата. Притоа, констатирано е дека некои од поемите се поднесувани повеќе години наназад, што во иднина треба да се ограничи со Правилник, укажувајќи на креативноста како актуелен чин. Би било добро заради континуитет во однос на сознанијата во врска со квалитетот и објективноста на пристигнатите материјали, по еден член од старата Комисија да биде дел и од работата на новоизбраното жири, потенцираа од жири комисијата.

Инаку, Анчевски е поет, универзитетски професор, преведувач, есеист. Има објавено осум поетски збирки одлично примени од критиката, високо оценети и наградено со различни награди во земјата и во странство. За неговата преведувачко дело ја добил највисоката национална награда за превод „Григор Прличев“ (2001). Избори од неговата поезија се преведени и објавени на над дваесет јазици во бројни и значајни странски списанија и антологии. Неговите Избрани песни на македонски и англиски јазик се објавени во 2011 година. Член е на Друштвото на писатели на Македонија, бил двапати секретар на македонскиот ПЕН центар и негов актуелен претседател, а раководел и со УО на СВП (2002-2007). Живее и работи во Скопје.

OhridNews