Независниот кандидат за градоначалник на Општина Дебрца, Зоран Ногачески е роден на 08.02.1966 година. Живее во село Волино, општина Дебрца. Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј”, Скопје, во 1992 година каде се стекнува со високо образование, VII-1 степен, дипломиран правник. Професионалната кариера ја започнува во 1997 година, кога бил избран за секретар на Советот на поранешната општина Мешеишта, која функција ја извршува до 2005 година. Од 2005-2017 година е вработен како државен службеник во општинската администрација на општина Дебрца и тоа: од 2005-2011 година како комунален инспектор, од 2011-2013 како раководител на Одделението за правни прашања и општи работи, од 2013-2017 како раководител на Одделението за инспекциски работи. Од 2013-2017 година е претседател на општинската организација СДСМ Дебрца. На локалните избори одржани на 15-ти октомври 2017 година, Ногачески за прв пат е избран за градоначалник на Општина Дебрца, освојувајќи мнозинство гласови во првиот изборен круг од локалните избори 2017. Во 2021 година го добива вториот градоначалнички мандидат како независен кандидат. Оженет е и татко на две деца. 

Ногачески ja открива својата визија за Дебрца, зборува за приоритетите и насоките на развој на општината која во иднина ја гледа како посакувано место за живеење.

ON: Како гледате на Дебрца сега и како ја гледате Дебрца во иднина?

Ногачески: Денес ја гледам Дебрца како општина која направи големи чекори напред – со стабилни финансии, подобрена инфраструктура, вложувања во селата, во спортот, образованието и во локалниот развој. Но, ја гледам и како општина која сè уште има предизвици, пред сè во задржувањето на младите, создавање повеќе работни можности и подобра енергетска и еколошка одржливост.

Во иднина ја гледам Дебрца како пример за модерна, зелена општина, каде што секое село ќе има достоинствени услови за живот – со чиста околина, добра патна мрежа, стабилен јавен превоз, поддржано земјоделство и развиен туризам. Дебрца што ќе ги спои традицијата и новите технологии, природата и развојот, луѓето и можностите.

ON: Кои се приоритетни проекти во вашата програма за претстојните локални избори?

Ногачески: Во наредниот мандат, фокусот ќе биде на завршување на започнатите капитални проекти, но и на нови иницијативи што директно го подобруваат животот на граѓаните во секое населено место.

Приоритетите ги дефиниравме заедно со граѓаните, врз основа на реални потреби и можности.

1. Инфраструктура

Завршување на локалните патишта и пристапните улици во сите села.

Уредување на канализациска и водоводна мрежа во населените места.

2. Животна средина

„Нула толеранција за диви депонии“ – системска акција за нивно расчистување и редовно одржување на јавната чистота.

Зелени појаси и паркови во секое населено место.

Промовирање на селективно собирање отпад и рециклирање.

3. Земјоделство и локален развој

Поддршка за земјоделците со субвенции и откупни пунктови.

Развој на агротуризам и промоција на домашни производи.

4. Спорт и млади

Завршување и одржување на спортските игралишта.

Поддршка на младински и културни настани во сите населени места.

ON: Што планирате во насока на економскиот развој, заштитата на животната средина и туризмот?

Ногачески: Во следниот мандат ќе продолжиме со јасна стратегија за одржлив економски развој на општината. Главниот фокус ќе биде ставен на поттикнување на локалното претприемништво, земјоделството и семејните бизниси, преку поддршка со обуки, субвенции и инфраструктура. Ќе создадеме услови за нови мали и средни претпријатија, со цел младите да можат да останат и да работат овде – дома, во Дебрца.

Паралелно, ќе вложуваме во заштита на животната средина, со политика на нула толеранција за диви депонии, модерно управување со отпадот и заштита на изворите на вода и шумите.

Посебен приоритет ќе има развојот на туризмот – еко и рурален туризам, преку промоција на природните убавини, езерата, планините и културното наследство на Дебрца.

Ќе се поддржуваат локални сместувачки капацитети, едукативни тури, и ќе се воспостават нови пешачки и велосипедски патеки кои ќе ја поврзат општината со регионот.

Нашата цел е Дебрца – зелена, економски жива и туристички препознатлива општина, во која секој граѓанин ќе има можност за достоинствен живот и работа.

Н.С.Ј.