Наместо поголем број како што се очекуваше, оваа година со специјални летови на странските тур оператори на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид пристигнаа помалку туристи, а чартерот од Финска оваа сезона воопшто не се реализира.

– Во овој период од мај до сега имаме околу 1500-1600 гости помалку од минатата година, но имаме уште месец дена до крај на сезоната и операциите и ќе ги имаме финалните бројки.-изјави Дончо Танески од ХОТАМ.

Ова според хотелската асоција се должи на направените пропусти и ненавременото сервисирање на државните субвенции за 2012 година од страна на Агенцијата за подршка и промоција на туризмот. На овој проблем ХОТАМ укажа уште во месец март што предизвика јавна расправија помеѓу асоцијацијата и тогашниот раководител на агенцијата Јорадан Трајков, кој повеќе не ја извршува таа функција.

-За минатата година воопшто не беа сработени и испратени решенија за туроператорот од Австрија, ТУИ и Корендон кои имаа директни летови до охридскиот аеродром.-додаде Танески. Според него тоа придонело за послаба промоција на Охрид на странските пазари, што резултирало со намален број чартери и туристи.

За нов директор на Агенцијата за подршка и промоција на туризмот неодамна е назначен Кристијан Џамбазовски, со кој хотелиерите оствариле средба. Тие од новиот директор на агенцијата очекуваат поголема соработка со реалниот сектор со цел подобра промоција македонскиот туризам во странство, но и во земјата, на што ќе биде ставен посебен фокус за наредната сезона.

-Не мора да одиме на 20 саеми, ќе го бираме најдоброто. Приоритет ни е внатрешната промоција во Македонија, како и соседните држави, саемите во Софија и Белград. Исто така сметаме дека е потребна промоција во Косово и Албанија за познати купувачи, каде планираме да настапиме заедно со Агенцијата. Тоа чини помалку од саемска презентација, а може да има многу поголеми ефекти. За добра промоција ќе ни биде потребна подршка од амбасадите и економските промотори. Доколку се работи тимски, успехот не може да изостане, смета Танески.

Г.М.