Здружението на приватните електронски медиуми (ЗПММ), поднесе преставка до УЈП, финансиска полиција, но и до обвинителството да се преиспита комплетното финансиско работење, отчетноста и транспарентноста на ЗАМП и новото здружение за заштита на авторските права ММИ.
– Иницијативата е покрената во врска со последните настани поврзани со регулирањето на авторските права во Република Македонија и реакциите на јавноста во врска со транспарентноста на работењето, а особено на распределбата на сретствата од страна на ЗАМП и ММИ, велат од ЗПММ од каде информираат дека од надлежните органи побарале да се изврши комплетна контрола на сретствата кои се влезени во двете здруженија, како и детален преглед на тоа каде се потрошени сретствата, на кои автори и колку сретства им се уплатени од парите кои македонските медиуми долги години наназад ги уплаќаат на сметка на ЗАМП, а во еден наврат и на ММИ.
Од Здружението од Министерството за култура на Република Македонија бараат да се стави привремен мораториум на работата на двете Здруженија, се до комплетното завршување на истрагата.
ЗПММ минатата недела започна со активностите за регулирање на односите во оваа област. Во втората фаза од протестот, овој петок и сабота е предвиден прекин на програмата во траење од 5 минути. Членовите на Здружението се согласни да пристапат и кон третиот, непопуларен чекор – односно сосема да прекинат да емитуваат македонска музика, но истакнуваат дека се надеваат дека разумот ќе преовладее и дека конечно ќе се стави ред во оваа исклучително значајна област.