Здружението на рекреативни риболовци „Свети Апостол Петар“ од Охрид бара да се утврди одговорност кај надлежните установи и министерства и нивните раководни лица за уништување на охридска пастрмка и тие да бидат казнети согласно важечките закононски и подзаконски регулативи.

-Повеќе од 22 години со стотици дописи и јавни изјави укажуваме дека охридската пастрмка полека се уништува и може да дојде до нејзино истребување. Наместо да ги разберат нашите укажувања надлежните институции со разни притисоци, уцени и заканувања на секој начин се трудеа да не замолчат. Надлежниот министер не бркаше од јавни расправи за концесии на Охридското Езеро. Барањето на концесионерот за стопански риболов на Охридско Езеро за мораториум на улов на охридска пастрмка од 10 години ја отвори пандорината кутија. Јавно ги запрашуваме надлежните институции и министерства каде и како се потрошија неколку милиони евра за вештачки мрест и порибување на охридска пастрмка, затоа што нема никаков ефект за заштита на охридската пастрмка. – вели претседателот на здружението Радован Димитриески.

Спортските риболовци предупредуваат дека не треба да се зголемат квотите за стопански излов на белвица, бидејќи и оваа ендемска риба може да ја доживее судбината на пастрмката.

-Она што и се случи на охридската пастрмка сега и се случува на охридската белвица. Ако на охридската пастрмка и се потребни околу 40 години за реанимација тогаш на охридската белвица и требаат повеќе од 60 години. Зошто надлежното министерство и научните институции од областа на рибарство дозволија измени и дополнувања на риболовните основи со кои  квотата за стопански риболов на охридска белвица од 2 тони се зголеми на 8 а сега на 25 тони годишно, кога во истата риболовна основа пишува дека прирастот на охридска белвица на годишно ниво е 17 тони? – прашува Димитриески.

Тој посочува дека голема грешка е што надлежните институции дозволиле излов на белвица за време на мрест во месец ноември, како и намалување на голмината на окцата на риболовниот алат со кој се врши стопански риболов. Според Димитриески загрозени се и другите видови риба како крапот и кленот бидејќи се изловуваат во големи количини. Спортските риболовци сметаат дека надлежните институции на јавноста и должат одговор како охридската пастрмка стасува во угостителските објекти, а концесионерот за 5 години изловил само 400 килограми.

На годишно ниво во промет имаме најмалку 4 тони охридска пастрмка. Односно за 4 години најмалку 20 тони. – тврди Димитриески.

Според него одговорност за состојбата со рибниот фонд има и локалната самоуправа, а обвинувањето дека албанската страна за уништувањето на охридската пастрмка е неосновано.

– Не можеме да ги окривуваме албанските рибари дека тие ја уништиле охридската пастрмка. Во годините кога се изврши преловот на охридска пастрмка на албанската страна воопшто немаше стопански риболов. Укажувањата на надлежните лица дека Република Албанија не е заинтересирана за надминување на проблемот со пастрмката не се точни, на неколку иницијативи за средби на експертско ниво од Република Албанија за усогласување на законската регулатива за лов, вештачки мрест, дозволени големини на улов и др. Република Македонија е таа која не одговорила на тие иницијативи. – вели Димитриески.

Неповолната состојба со рибниот фонд во Охридското Езеро се актуелизира откако неодамна концесионерот побара од надлежните институции воведување 10 годишен мораториум на лов на пастрмка, бидејќи истата ја нема во езерото и воопшто не се изловува за стопански цели и покрај големите квоти одобрени од страна на државата.

OhridNews