Незаборавно музичко патување со четири гитари приреди синоќа италијанскиот квартет „Апеирон“ за многубројната публика на фестивалот „Охридско лето“.

Врвните гитаристи од овој ансамбл, Влатко Боцевски, Вјекослав Црнобори, Микеле Амбрози и Рафаеле Пизано кои се звучни имиња на европската класична сцена, придонесоа и синоќешната фестивалска вечер како и претходните, да биде исполнета до последно место, а вљубениците во класичната музика да поминат прекрасни мигови кои ќе ги паметат долго.

Во овој европски гитарски квартет членува и извонредниот македонски уметник Влатко Боцевски кој не го криеше задоволството што по многу години поминати како слушател на концертите на „Охридско лето“, годинава првпат доаѓа, но како гитарист на концертниот подиум.

-Првпат сме на „Охридско лето“ и мислам дека подобра шанса за настап во Македонија од оваа нема. Израснав тука, гледајќи ги концертите на фестивалот, така што ми е многу мило што сум дел од овој фестивал. На вчерашниот концерт се претставивме со  композиции од 20-от век, напишани оргинално за четири гитари, Лео Бровер, Хосе Антонио Чик и Паоло Белинати. Единствените две транскрипции беа Морис Равел со  „Павана за мртвата принцеза“ и Хеитор Вила Лобос, вели Боцевски.

На вчерашниот репертоар беше изведена и композицијата „Двоен стандард“ од Дејвид Досет што е напишана специјално за квартетот „Апеирон“.

Квартетот гитари „Апеирон“ е присутен на музичката сцена повеќе од 18 години и нивните концертни активности се насочени кон откривање и промовирање на оригинален репертоар за четири гитари, истовремено мотивирајќи ги композиторите да пишуваат дела за ваква музичка формација.

Вечерва на програмата на фестивалот, во црквата Света Софија со почеток во 21 часот, е концертот на мешовитиот камерен ансамбл „Игњац Фукс“ во кој членуваат Костадин Богданоски-прва виолина, Фросина Богданоска-втора виолина, Хивоте Тадезе-виола, Никола Јовановиќ-виолончело, Александар Тасиќ-кларинет, Виктор Кирченко-хорна, Жарко Перишиќ-фагот, Илин – Диме Димовски-контрабас

Мешовитиот Камерен Ансамбл “Игњац Фукс” е формиран во јуни, 2016 по иницијатива на македонско-хрватскиот контрабасист Димовски и на српскиот кларинетист Александар Тасиќ, кога на нивно гостување во Макао со театарско/оперската група “Third World Bunfight” им се укажува можност за дополнителен концерт на камерна музика во соработка со Хонгконгшката пијанистка Жаклин Леунг. Оттаму се јавува идејата за флексибилен ансамбл во кој членуваат најистакнатите класични музичари од бившите југословенски простори, како што е и случајот со ансамблот на “No Borders Orchestra”, каде што Тасиќ и Димовски се запознаваат. Во исто време, флексибилен ансамбл значи поголема уметничка слобода во креирањето на програмата за еден концерт и помага во промовирањето на камерната музика, која е врвот на западно-класичниот музички израз.

Името на ансамблот е всушност првото име на познатиот Хрватски композитор Ватрослав Лисински кое е воедно и името на концертната сала во која секојдневно работат некои од членовите на ансамблот во Загреб.