Неосновано, немилосрдно, но и дрско е да се зборува за уреденоста и чистотата на охридските градски гробишта, кои што години наназад го носеле, а со максимална работа и посветеност ќе продолжат да го носат епитетот на најчисти, најсредени и најдобро уредени градски гробишта во Република Македонија. Вака раководството на јавното претпријатие „Градски гробишта“ одговори на прозивките на СДСМ, која обвини дека охриѓани плаѓаат најскапи услуги за гробишта во земјата, а имаат најнесредени градски гробишта.
Раководството на ЈП, заедно со целокупната оператива, редовно и максимално се грижи за хигиената во градските гробишта и навистина е жалосно и ниско да се користат ситуации како Духовден кога посетеноста на градските гробишта се брои во десетици илјадници луѓе или невремето од изминатиот викенд кое беше од невидени размери, за да се „мери” чистотата. Факт и вистина е дека гробиштата секогаш се одржуваат во најдобра уреденост како пред христијанските, така и пред муслиманските празници, за што говори и моменталната акција за косење, метење, чистење и средување на муслиманскиот дел од гробиштата во пресрет на празникот Курбан Бајрам, стои во соопштението на ЈП „Градски гробишта“.
Јавното претпријатие редовно ги извршува и остварува работите пропишани во годишниот план и програма за работа и после изминатата година која беше финансиски тешка за јавното претпријатие, го поминува и второто тромесечие од 2023 година со зголемен обем на работа и позитивна разлика, додаваат од претпријатието.
Со максимална посветеност и желба за поуспешни и подобри резултати, отворени за соработка, но и за критики и сугестии продолжуваме чесно и посветено за зачувување на достоинството на градските гробишта, се вели во соопштението.
OhridNews
СДСМ Охрид: Со ВМРО ДПМНЕ не може човек достоинствено да си го обезбеди ниту вечното почивалиште











