Во моментов нема отстапка од планираниот период за ставање во функција на дел од автопатот Кичево-Охрид, од Врбјани до Охрид, со исклучок на делот кај Ботун, откако претходно беше најавено дека на почетокот на летната сезона ќе бидат пуштени првите километри. Во изјава за МИА од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП)објаснуваат дека интензивно се работи на терен со посебен акцент на делницата од село Врбјани до Охрид, каде се изведува асфалтирање на делот од Врбјани до Ботун-главна траса, пренесува Фокус.

Забрзано тече изградбата на пристапните патишта од: Врбјани до Сливово, Сливово-Арбиново, Арбиново-Издеглавје, Издеглавје-Песочани, Песочани-Ново Село, Ново Село-Ботун, како и изградбата на пристапни патишта до село Горенци и село Оровник. Се изведува последната фаза пред асфалтирање и градежни активности на клучките Арбиново и Издеглавје, се поставува жичана ограда и еластична ограда, а кај Климештани е завршена десната страна и пуштена под времен режим на сообраќај и сега започнуваат активности на лева страна од главната траса.

Започната е првата фаза на клучка Требеништа, а интензивно се работи од Подмоље до х. Амасадор на изградба на столбови за натпатник, изградба на потпорен ѕид, како и на изградба на фекална и атмосферска мрежа. Се работи и на натпатникот кај Св. Еразмо, но и на левата страна од Подмоље до Охрид каде се поставува еластична ограда во средишниот дел, а се вршат и припремни работи за асфалтирање на десната страна од главна траса, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Претходно министерот за транспорт и врски Александар Николоски во изјава за медиумите дадена во Охрид истакна дека изградбата на автопатот од Охрид до Кичево се одвива според планираното и дека делницата до Врбјани ќе биде пуштена во употреба според предвиденото.

Тој е уверен дека до крајот на 2026 година ќе биде целосно завршен автопатот Охрид-Кичево.

OhridNews