Министерот за култура и туризам и претседател на Националната комисија на УНЕСКО, Зоран Љутков, учествува на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, што се одржува во Конгресниот центар „Патот на свилата“ во Самарканд, Република Узбекистан.

Нашата држава негува посебен респект кон УНЕСКО, организација која со своето дејствување го оправдува своето постоење преку промовирање на универзалните вредности и развојни цели од заеднички интерес. Горди сме на придонесот што го вложуваме во промовирањето и имплементирањето на активностите на организацијата на национално, регионално и меѓународно ниво, истакна министерот Љутков.
Тој посочи дека македонската влада посветува особено внимание на областите што се во фокусот на УНЕСКО -заштитата на културното и природното наследство, справувањето со климатските промени, како и развојот на новите технологии, дигитализацијата и вештачката интелигенција.
Министерот потсети дека во доменот на образованието, со поддршка на УНЕСКО, е изработен извештај за квалитетот на националниот образовен систем кој потврдува дека земјата се движи во насока на еднаков пристап, инклузија и безбедна училишна средина.

Посебно внимание, како што нагласи министерот, се посветува на заштитата на културното и природното наследство, со акцент на Охридскиот регион – впишан на Листата на светско наследство на УНЕСКО пред повеќе од четири децении.
Како држава сме исправени пред предизвикот да ја зачуваме неговата исклучителна универзална вредност и да ја оправдаме довербата што ни е укажана, истакна Љутков.
Тој потсети и дека „Традиционалната изработка и свирење на гајда“ е впишана како мултинационален елемент на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото, а македонски експерти веќе работат на нови номинации.

Нашата визија е јасна-Македонија да биде земја во која културата, образованието, науката и иновациите создаваат силна синергија за одржлив развој и општествен просперитет, порача министерот Љутков.
OhridNews











