Министерството за култура и туризам веднаш ќе почне со изработка на проект за обнова и реставрација на спомен куќата на Владо Малевски со цел да се зачува автентичниот изглед и историјскиот дух, што го носи домот на авторот на македонската химна, изјави денеска од Струга, ресорниот министер Зоран Љутков.

По посетата на локацијата, каде пред два дена при изведба на градежни работи на индивидуален објект во старото градско јадро беше срушен јужниот ѕид и дел од кровната конструкција од куќа заштитена како културно наследство информира дека инспекциската служба на Управата за заштита на културно наследство констатирала сериозни оштетувања.

Како министр за култура и туризам, најостро ги осудувам овие дејствија и секоје неодговорно постапување што доведува до уништување или загрозување на заштитени објекти. Културното наследство е непроценливо богатство, кое не смееме да го загрозуваме од небрежност, од несовесност или од краткорочни интереси, истакна Љутков најавувајќи дека ќе следат соодветни пријави согласно законот.

Министерството за култура и туризм, нагласи, ќе ги вклучи сите надлежни институции, стручни лица и експерти за обнова на објектот, што, според него, ќе биде изведена на најпрофесионален начин и согласно сите принципи за заштита на културното наследство.

OhridNews