Буџетот на Општина Струга за 2026 година, во вкупен износ од 1,59 милијарди денари, претставува реален и одговорен финансиски план насочен кон одржлив развој, модерна инфраструктура и подобар квалитет на живот за граѓаните, вели градоначалникот Менди Ќура.

Во услови на законски ограничувања и зголемени фискални обврски, посочува, општината демонстрира високо ниво на финансиска дисциплина, транспарентност и стратешко планирање, со силен фокус на капиталните инвестиции и јавниот интерес.

Капиталните проекти се еден од клучните приоритети, со над 281 милион денари или 17,6% од вкупните расходи, наменети за изградба и реконструкција на локални патишта и улици, нови сообраќајни решенија, водоводна и канализациска инфраструктура, системи за одведување и пречистување на отпадни води, како и проекти од значење за заштита на животната средина, потенцира Ќура.

Посебен акцент, според него, е ставен на крупни инфраструктурни зафати, меѓу кои: изградба на улицата „Туристичка“, изградба на собирната источна колекторска улица, реконструкција на патната мрежа кон руралните населени места, капитални инвестиции во канализациони и атмосферски системи.

Буџетот, нагласи обезбедува континуирано и стабилно функционирање на јавните услуги, со значителни средства за јавно осветлување, јавна чистота, паркови и зеленило, образование, социјална заштита, култура и спорт, родова еднаквост и социјална инклузија.

Процесот на буџетирање беше отворен и инклузивен, со активно учество на граѓаните, месните заедници и граѓанскиот сектор преку буџетски форуми и консултации, што уште еднаш ја потврдува определбата на Општина Струга за одговорно, отчетно и транспарентно управување, посочи Ќура.

Инаку, Буџетот за 2026 година беше изгласан на последната седница на Советот на Општина Струга на 31 декември минатата година, веднаш по изборот на претседател.

OhridNews