ЈП „Билјанини Извори” и нејзиниот менаџмент веќе подолг период прават пресметки и калкулации во однос на финансиските потреби и обврските на јавното претпријатие визави целокупната економска ситуација во нашата држава со посебен акцент на финансиската состојба на граѓаните на Охрид, велат од претпријатието.
За таа цел, информираат од претпријатието, на 27 декември 2022 година на седница на Управниот Одбор е донесена одлука за Дополнување и измена на одлуката за утврдување на цените за спортските објекти и паркинг просторите со кои стопанисува ЈП „Билјанини Извори”. Потенцираат дека иако Одлуката официјално не е донесена бидејќи треба да биде претходно усвоена од Советот на Општина Охрид, како нејзин предлагач чувствуваат потреба да ја објаснат пред охридската јавност.
Предлог одлуките кои се посебно за истакнување се однесуваат на измени и дополнување за користење на јавниот паркинг во Премиум зона, времетраењето на периодот за летна и зимска наплата, како и измени на надоместокот за користење на сидриштето за паркирање на пловни објекти, велат.
Додаваат дека Предлог измените и дополнувања кои посебно се од интерес на јавноста се однесуваат на: паркинг за еден час во Премиум зона зимска наплата – од 60 денари се намалува за 50% и ќе изнесува 30 денари за еден час; измена на летен и зимски период на наплата- предлог одлуката го изедначува времетраењето на двата периоди и сега летниот период за наплата ќе е од 1 април до 30 септември додека зимскиот период од 1 октомври до 31 март; како и предлог измените за надоместок за користење на сидриште кои предвидуваат зголемување на месечниот и годишниот надоместок се однесуваат само на луксузните пловни објекти (глисери и јахти) и тие кореспондираат со тековните пазарни цени. За кајчиња и катамарани надоместокот останува ист.
Кога на маса имате многу нерешени проблеми, нестабилен финансиски период, секојдневна инфлација тогаш како менаџмент морате да носите решенија кои предвидуваат долгорочна заштита на јавниот интерес кој го застапувате. Заштитата на спортскиот интерес на градот, заштитата на интересот на граѓаните на Охрид кој можете да го препознаете и во овој предлог не е лесно да го постигнете а притоа да менаџирате рентабилно со јавно претпријатие, но ние сме одлучни и максимално посветени во таа насока. Не секогаш кореспондира интересот на јавниот субјект со општиот интерес но со овие предлог измени убедени сме дека правиме прагматичен исчекор кон заштитата на целокупниот наш заеднички охридски интерес, велат од претпријатието.
Истакнуваат дека и покрај сите предизвици пред кои се исправени (електрична енергија, покачување на минималната плата, потребите за градскиот базен, драстичен раст на цените на потрошниот материјал), услугите кои најповеќе ги засегнуваат охриѓани, месечен паркинг билет, дневен паркинг билет, користење на спортската сала, користење на градскиот базен, надоместок за сидриште за кајчиња и катамарани остануваат исти.
OhridNews