Проблемот со водата за пиење во Струга и околните села е најголемиот предизвик во првите 100 дена од моето владеење. Сериозен проблем, акумулиран со години поради лошо управување. Но, тоа е наша одговорност и не бегаме од неа, истакна градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, на денешната прес-конференција за отчет за сработеното.

Соработувавме со релевантни институции, како и со приватни и државни експерти.  Она што го открив е дека зоната на изворот не била законски заштитена, за што покренавме иницијатива. Освен ископувањата, загрижувачки беше и фактот што во близина на изворот постоела дива депонија –депонија која повеќе не постои. Презедовме конкретни мерки, вклучително и строго запирање на работите и ископувањата во близина на изворската зона, со цел заштита на јавниот интерес, посочи.

Додаде дека кога ја презел одговорноста за раководење со Општината, заедно со тимот се соочиле со тешка финансиска реалност. Долгот акумулиран низ годините, вели, е многу висок, а точната бројка ќе биде прецизирана по завршување на внатрешната и надворешната финансиска ревизија.

Во меѓувреме, од внатрешната ревизија во Општина Струга е утврдено дека во последните 10 години, од страна на двајцата претходни градоначалници, ненаплатениот општински данок изнесува 7 милиони и 300 илјади евра. Соочени со оваа состојба, првиот чекор беше јасен: запирање на финансиското „крварење“. Воведовме итна буџетска дисциплина, строг надзор врз трошоците и приоритетно сервисирање на обврските. Резултатите веќе се видливи. Во рок од три месеци успеавме да го намалиме долгот за околу 250.000 евра. Ги прекинавме непотребните трошоци. Од над 11.000 евра колку што изнесувале трошоците за репрезентација на Рамиз Мерко минатата година – денес таа сума е нула. Ако во јануари 2025 година трошоците за гориво биле над 2.000 евра, во јануари оваа година тие изнесуваат околу 1.000 евра. Секој трошок е ревидиран, речиси секој договор е анализиран, вели Ќура.

Истовремено, работевме на зголемување на општинските приходи од даноци како од физички така и од правни лица. Значи, дејствувавме во две насоки: штедење и зголемување на приходите.

Но, овие 100 дена не беа само период на финансиска стабилизација. Тие беа денови на интензивна работа на терен. Решен е проблемот со јавното осветлување, отстранети се хоризонталните бариери од кејот на реката, со што е олеснето движењето на граѓаните, исчистени се одводните канали – витална акција што овозможи избегнување на поплави, интензивирани се работите за замена на азбестните цевки и градежните активности во градот, прилагодени се тротоарите за лица што се движат со инвалидска количка, обезбедени се 8.300 корпи и 5 камиони – донација од Министерството за животна средина, обезбедена е една цистерна за чистење улици и два камиона – донација од УНДП, приватна донација од 1.300 садници за озеленување на градот, иницирана е продажбата на „познатото Ауди“, истакна Ќура.

Додаде дека е спроведен и тендер за патот Мислешево–Требеништа, подготвена и доставена до Министерството техничката документација за изградба на нова градинка, деблокиран и интензивиран е проектот во Радожда.

Се работи со висок интензитет 80% од улицата „Туристичка“ да заврши пред сезоната, започна изградбата на патот и пешачко-велосипедската патека од АС Камп до Сатеска, санирани се оштетените плочки на градските шеталишта, спроведен е тендер за улицата „Источено колекторска“ со обезбедени 2,2 милиони евра. Во завршна фаза пред имплементација е проектот за атмосферска мрежа на патот кон плажата кај „Еурохотел“ во вредност од половина милион евра. Проектот за канализација во Враништа во вредност од 1,5 милиони евра започнува во наредните денови. Во подготвителна фаза е проектот за јавно-приватно партнерство за засолниште за бездомни кучиња. Отстранети се околу 90 неподвижни возила, а процесот на ослободување на јавните површини продолжува.За сите овие и многу други иницијативи ќе ви биде доставен детален извештај во електронска форма, вели Ќура.

Во овие 100 дена, додава, издадени се 40 градежни дозволи, 20 предмети се во обработка, а околу 25 се одбиени бидејќи не ги исполнувале законските услови, посочувајќи дека повеќе нема блокирани предмети и заборавени документи по фиоките.

Сакам да нагласам и дека по мое барање и инсистирање, Општина Струга е официјално вклучена во листата за државна ревизија за оваа година. Ревизијата се очекува да се спроведе во јуни и ќе понудиме максимална соработка за целосна и детална контрола. Ние го избравме патот на отчетноста, а не на прикривањето. 100 дена не се крај на нашата работа. Тие се само почеток на патот кон финансиска стабилност, одржлив развој и враќање на довербата на граѓаните, додаде Ќура.

OhridNews