Општина Охрид објави Јавен повик за доделување на еднократен паричен надоместок – образовен додаток за студенти кои потекнуваат од семејства со социјален ризик и студираат надвор од општина Охрид за академската 2026/2027 година. Образовниот додаток се доделува еднократно за целата академска 2026/27 година.
Општите услови за стекнување на право на паричен надоместок – образовен додаток се: лицата да се жители на Општина Охрид; да се редовни студенти, запишани во тековната година на универзитетите во РМ (со одалеченост од најмалку 60 км од општина Охрид); да не повторувале година во текот на своето образование; да не е корисник на стипендија или кредит од друга инситуција или компанија. Неисполнувањето на сите општи услови заедно е основ за одбивање на пријавата, се наведува во повикот.
Посебни услови кои треба да се исполнуваат се: студентот да потекнува од многудетно семејство (во семјството има три или повеќе деца); потекнува од еднородителско семејство (предност ќе имаат студентите чиј што еден родител е починат); студентот е дете без родители; студентот потекнува од семејство со вкупни примања на родителите до износот на минимална плата (26.046 денари во нето износ); потекнува од семејство во кое и двајцата родители примаат минимална плата; потекнува од семејство приматели на еднократна или постојана парична помош (гарантирана минимална помош за работно неспособни лица); студентот од прва линија во семејството има лице со посебни потреби или ретки болести.
Во повикот се напоменува дека може да аплицира студент кој исполнува барем еден од посебните услови, но предност ќе имаат студентите кои исполнуваат два или повеќе од горенаведените посебни услови.
Износот на образовниот додаток за студенти кои студираат надвор од Охрид и потекнуваат од семејства со социјален ризик изнесува еднократно во нето износ од 6000,00 денари за студенти кои ги исполнуваат горенаведените услови. Образовниот додаток за студенти е неповратен, стои во повикот.
Потребните документи заедно со изјавите треба да бидат доставени најдоцна до 04.12.2026 година.
Повеќе информации на линкот.
OhridNews












