Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ проговори за тоа дека не доби дозвола да учествува на турнирите во Индијан Велс и Мајами.

На 22-кратниот победник на Грен слем му беше забранет влезот во САД поради немање сертификат за вакцинација против коронавирус.

Посакувам да можам да играм во Индијан Велс и Мајами. Ги сакам овие турнири. Имав многу успех таму. Но, во исто време, ова е свесна одлука што ја донесов и знаев дека секогаш постои можност да не одам. И оваа ситуација, се надевам, ќе се промени до крајот на оваа година за следниот УС Опен. Ова е најважниот турнир за мене на американско тло, го цитира Ѓоковиќ „Си-ен-ен“.

Триесет и петгодишниот тенисер истакна дека во оваа фаза од кариерата му се најважни грен слемовите и ќе почека да види дали ќе може да замине во Њујорк.

Навистина сакам да играм таму, сакам да бидам таму. Имав среќа три пати да го освојам УС Опен, да одиграм многу финалиња. И покрај тоа што загубив пред две години, добив многу љубов и благодарност од луѓето и сакам да се вратам и повторно да се сретнам со тие навивачи. Така што тоа е она на што се радувам и се надевам дека ќе се случи, изјави Ѓоковиќ.

УС Опен-2023 ќе се одржи од 28 август до 10 септември.

OhridNews