Сите ученици ќе имаат учебници на почетокот на новата учебна година и тоа по сите предмети согласно наставните планови во соодветните одделенија, информира денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Втора година по ред печатењето и испораката на учебниците се реализира навремено, а секое училиште ќе го добие тиражот кој го има побарано преку посебната електронска апликација на МОН. Обезбедени се и учебници по странските јазици, за прв пат после седум години во кои недостигаа, а наставниците и учениците самостојно се снаоѓаа со литература. Нови учебници со унапредена содржина има и за седмо одделение во основното образование и за прва година во гимназиско образование, каде започнува примената на нови наставни програми. Над 100 нови наслови ќе бидат достапни и за учениците од средните стручни училишта, вели Јаневска.

Изработката, печатењето и испораката на учебниците, посочува, во минатото беше голем предизвик, додавајќи дека прашањето е системски решено со новиот Закон за учебници во чија изработка учествуваа сите засегнати чинители, вклучително и автори, рецензенти, но и сите издавачки куќи во државата.

OhridNews