Американската министерка за финансии Џенет Јелен изјави дека во наредните месеци САД ќе ѝ дадат на Украина нова економска помош која ќе изнесува 10 милијарди долари.

Јелен ја даде оваа изјава на маргините на состанокот на министрите за финансии на земјите од Групата 20 најголеми економии во светот (Г-20), што се одржува во јужниот индиски град Бенгалуру.

Таа нагласи дека е исклучително важно Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) брзо да претстави програма за финансиска поддршка на Украина.

Киев се надева дека ќе добие најмалку 15 милијарди долари во текот на неколку години во рамките на програмата на ММФ, изјави претходно украинскиот премиер Денис Шмигал по средбата со директорката на ММФ, Кристалина Георгиева. Таа, исто така, учествува на состанокот на министрите за финансии на Г-20 во Бенгалуру.

OhridNews