Сериозни нерегуларности при користењето на државните субвенции открија контролите на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) при теренската посета во Охридско-Струшкиот регион. Наместо реално земјоделско производство, контролите затекнале празни дворови без пријавена механизација и стотици непостоечки пчелни семејства.

Резултатите од извршените контроли отвораат сериозни прашања за начинот на користење на финансиската поддршка и веродостојноста на пријавените податоци, вели директорката на Агенцијата Даниела Иротова Лазарева, по сумирањето на сите резултати.

Трактор набавен преку програмата за рурален развој во 2023 година при контрола во с. Бичево, Струшко, не е пронајден кај земјоделското стопанство, ниту на пријавените земјоделски површини. Според изјавите на присутните, бил даден на користење на друго лице а во стопанскиот двор нема никави траги од истиот, а постојат и писмени дојави дека е продаден. Корисникот има договорна обврска најмалку пет години да ја користи инвестицијата за потребите на своето стопанство и да не ја дава на трети лица или да ја отуѓува, посочува.

Кај пчеларите, вели, состојбата е уште поалармантна. Од пријавени 50 пчелни семејства, при контролата на лице место, не било затекнато ниту едно пчелно семејство, а според расположливите податоци корисникот немал ниту регистарски број на одгледувалиште (РБО).

Негов колега, пак, има пријавени 600 пчелни семејства, а контролата на терен успеала да утврди само 190 пчелни семејства со пчели и 10 празни сандаци, додека останатите 400 не беа пронајдени, вели Иротова Лазарева.

Финансиската поддршка, потенцира, не е само право да се добијат средства од државата, туку подразбира и одговорност, исполнување на условите и почитување на преземените обврски.

Директорката на Агенцијата најави дека контролите продолжуваат, пред исплата, по исплата и во текот на периодот на исполнување на договорните обврски.

Нема селективност и нема привилегирани. Обрска на Агенцијата е да ги заштити чесните земјоделци и да обезбеди јавните средства да се користат за вистинско земјоделско производство. Пријавеното на хартија мора да постои и на терен!, додава.

OhridNews

фото. АФПЗРР