Општина Струга официјално ја информира јавноста дека Јованчо Мечкароски е именуван за нов директор на Јавното Претпријатие „Водовод и Канализација“, Струга.

Мечкароски е магистер по банкарски финансии и менаџмент, со професионално искуство повеќе од 10 години работа на раководни позиции. Во текот на својата кариера, тој претежно бил ангажиран во организирање на работните процеси, управување со тимови и зголемување на институционалната ефикасност, покажувајќи силни организациски и менаџерски способности.

Ова именување доаѓа како дел од заложбата за зајакнување на раководните капацитети на јавните претпријатија и за подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните, информираат од Општина Струга.

Воедно, изразуваат благодарност до досегашниот вршител на должноста директор, Меџаит Јусуфоски, кој, велат, во текот на овие два месеци на чело на институцијата остварил извонредни резултати.

Со својата посветеност и професионален пристап, тој успеа да ги удвои приходите од фактурирање на услугите, овозможувајќи за краток период да се постигне она што со години не било реализирано. Му посакуваме на Мечкароски успех на новата функција, со уверување дека неговото искуство и професионализам ќе придонесат за модернизација, зголемување на ефикасноста и континуирано подобрување на услугите за водоснабдување и канализација во нашиот град, додаваат од Општина Струга.

Мечкароски доаѓа на директорското место по оставката на Јусуфоски поднесена од морални причини по загадувањето на водата во Струга. Јусуфоски побара од надлежните институции да се утврдат причините за истото.

OhridNews