Човечкиот фактор, според експертите, но и според визуелната опсервација, се покажува како главен причинител  за актуелната состојба со водата за пиење во селото Шум, вели градоначалникот на Општина Струга Менди Ќура на денешната вонредна седница на Совет.

Заедно со екипата на експерти од Градежниот факултет, Скопје бевме на лице место и заклучивме дека состојбата е катастрофална. Констатиравме дека ископувањата извршени од две компании, низ годините, се евидентни и многу веројатно се главната причина за настанатата штета. Таму има длабоки ископувања и оштетувања што тешко ќе можат да се санираат. Досега утврдивме дека штетата е дополнително зголемена, бидејќи не е преземено ништо за заштита на овој природен ресурс. Поранешните општински органи, градоначалниците и надлежните институции, со своите постапки или непостапување, го оштетиле екосистемот и следствено и водата, рече Ќура.

Посочи дека деновиве, заедно со поранешниот директор на Водовод и Канализација, веднаш по појавата на проблемот, односно загадувањето на водата, биле поднесени пријави до надлежните органи: здравствениот инспекторат, санитарниот инспекторат, инспекторатите на Општина Струга, полицијата и Обвинителството, како и компаниите што вршеле ископувања на кои им ја запреле активноста. Воедно биле известени и граѓаните и ангажирана приватна компанија со долгогодишно искуство „Geo Ing“.

Тоа што е констатирано досега е дека е дозволено ископувања повеќе од 10 години без критериуми, само за материјална корист. Сериозна институционална аномалија, при што една од компаниите добила дозвола за ископувања во оваа чувствителна зона. Не е утврдена заштитна зона од 1 км околу изворот, што е задолжително и се дели на три заштитни зони: A. Зона од 300 метри од изворот, каде што не треба да се дозволи никакво ископување ниту движење во близина,  B. Зона од 600 метри. и C. Зона до 1 километар. Оваа зона требало да биде оградена и физички заштитена, потенцира.

Но, посочува, поранешните раководители и одговорните институции не покажале интерес за заштита на овој витален извор, заедно со директорите на јавните претпријатија и надлежните органи.

Сега штетата е направена и итно мора да се преземат мерки за санација на состојбата, без да се занемари кривичната одговорност на виновниците, бидејќи станува збор за витално прашање за здравјето и животот на граѓаните. Оние што прашуваат кој е виновен, одговорот го имаат самите: тоа се оние што дале дозволи да се оштети овој екосистем. Барам оштетувачите да сносат кривична одговорност и вакви случаи никогаш повеќе да не се повторат во иднина. Фактите се таму. Штетата се предизва со години, а нам ни останува, за жал, да ја санираме оваа состојба, додаде Ќура.

Инаку, водата од струшкиот водовод е забранета за секаква употреба десеттина дена, откако беше забележана голема матност во изворот во „Шум“, од каде се снабдуваат со чиста вода за пиење Струга и околните села.

OhridNews