Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски очекува делницата Петровец – Катланово да биде завршена наредната година, а автопатот Кичево – Охрид да се заврши во предвидениот рок до 31 декември идната година.

На денешната прес-конференција во Владата, Бочварски посочи дека го прават притисокот истиот да се заврши во предвидениот рок – 31 декември 2023 година.

Имаме тим од сите ресори од Министерството, Јавното претпријатие за државни патишта, Агенцијата за имотно-правни односи, Правобранителство, Агенцијата за катастар на недвижности и други кои имаат удел во оваа постапка и работат секојдневно на решавање на сите процедури и потешкотии кои се јавија на терен, но прогресот се одвива сега добро, работите течат и нашиот рок што сме го задале за реализација на овој автопат е непроменет, нагласи Бочварски.

Пред нецел месец при увидот на градежните работи на тунелот под превојот Пресека од страна на премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерите Артан Груби и Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми беше истакнато дека се финализираат асфалтерските работи на тунелот на автопатот, а делови од делницата се ставаат во сообраќај под времен режим како што завршува изградбата, потенирајќи дека пробиени се 95 проценти од трасата, а на терен се работи со над 800 работници и околу 400-тини машини.

Министерот за транспорт и врски тогаш порача дека автопатот мора да се изгради согласно договорот со изведувачот.

Средствата ги имаме, нашите тимови ги следат потребите на изведувачот, единствено преостанува силна изградба на терен. Кога многумина сметаа дека овој проект ќе остане заглавен Владата ги отстрани сите недостатоци и продолжи изградбата. Свесни сме за потребата од итно завршување на оваа делница. Поддршката од премиерот и од Владата е огромна и во таа насока со засилена динамика продолжуваме и во зимската сезона, изјави Бочварски.

Изградбата на автопатот Кичево – Охрид почна пред осум години, а инвестицијата изнесува 598 милиони евра.

OhridNews