Државата изврши пренамена на речиси еден милион и седумстотини илјади метри квадратни земјоделско земјиште во градежно, за изработка на урбанистички план за изградба на уште една, втора туристичка развојна зона во охридско Љубаништа. Одлуката е донесена на седница на Влада одржана на 29-ти декември, а објавена е во Службен весник на 31 декември и опфаќа имоти на локалното население, дел од викенд населбата изградена покрај Охридското Езеро, како и земјиште на Дебарско – кичевската епархија. 

Владиката Тимотеј вели дека не е запознаен со најновата владина одлука, но не е изненаден. Тој во телефонски разговор ни изјави дека црквата не се откажува од земјиштето, поради што таа покрена постапка пред Управниот суд.

Тој процес државата го турка одамна, не е ништо ново. Не сум запознаен со одлуката, меѓутоа ние сме на суд така што неможам ништо да коментирам. На првостепена го изгубивме, но сега решението го имаме обжалено на второстепена, па ќе видиме. – изјави владиката Тимотеј. Запрашан дали црквата останува на првичниот став дека не е заинтересирана за продажба на својот имот? – митрополитот Тимотеј одговори: „Апсолутно да!“.

Претходно државата изврши експропријација на земјиште во атарот на Љубаништа, во најголем дел имот на црквата, за изградба на Туристичката развојна зона 1. Според владата овој проект ќе придонесе за развој на туризмот и ќе отвори нови вработувања од што корист ќе имаат и локалната заедница и државата. Таа не гледа пречка за негова реализација и покрај отвореното противење на Дебарско кичевската епархија и месното население, кое на собирот на жители одржан во јули минатата година донесе одлука со која се бара стопирање на започнатата експропријација. 

Изградбата на туристичката развојна зона во Љубаништа долго време беше поврзувана со контроверзниот индиски биснисмен Субрата Рој, кој најавуваше дека тука ќе гради луксузен ресорт со хотел на вода и ексклузивна вилска населба. Во меѓувреме Субрата заврши зад решетки во Индија поради финансиска проневера тешка неколку милијарди долари, но тоа не ги промени плановите на владата. Таа најави дека проектот ќе се реализира, а ќе гради тој што ќе достави најдобра понуда на јавниот повик за изградба на туристичка зона во Љубаништа.

Според најавите, на брегот на Охридското Езеро во Љубаништа ќе се градат три туристички развојни зони. Во функција на овој амбициозен проект најавена е изградба на пропратна инфраструктура, како што е експресниот пат Охрид – Св. Наум, кој според најавите треба да минува низ Националниот парк Галичица. За таа цел минатата година отпочна постапка за промена на опфатот на националниот парк, за што беше изработена и студија за влијанието на најавените инфраструктурни зафати врз природата која изобилува со ендемски видови флора и фауна.

Согласно ЕСПО конвенцијата чиј потписник е Македонија, при изградба на туристичко развојните зони во Љубаништа, потребно е да се извршат анализи и стручни консултации за трансграничното влијание на проектот врз животната средина, односно во случајов треба да се земат предвид забелешките и на Република Албанија.

Горан Момироски