ГКК Охрид загуби од Овче Поле со 74:75 во драматичен натпревар од осмото коло во Првата македонска кошаркарска лига, група „Б“, што се одигра вечерва без публика во „Билјанини извори“.

Охриѓани имаа одличен почеток и по првата четвртина водеа со 28:16, но гостите од Свети Николе постепено ја намалуваа разликата и го внесоа мечот во неизвесна завршница.

При негатива од 71:73, Охрид погоди тројка на 14 секунди до крајот и поведе со 74:73. Сепак, Овче Поле го реализира последниот напад за победа од 75:74, реванширајќи се за поразот во првата меѓусебна средба во Свети Николе.

По овој дуел, двете екипи имаат по четири победи и три порази, а Охрид останува трет на табелата.

Во другите натпревари од колото, Гостивар славеше на гостувањето кај Тетекс ТТК со 97:69, додека Вардар ја совлада Гевгелија со 94:81. Бутел беше слободен.

 

Табела група Б по осмото коло:

1. Гостивар 13 бода

2. Вардар 13

3. Охрид 11

4. Овче Поле 11

5. Бутел 9

6. Гевгелија 8

7. Тетекс ТТК 7

Драмата во „Билјанини извори“ за Овче Поле

Во следното коло, закажано за 5 декември, Охрид ќе гостува кај Гевгелија. Овче Поле го пречекува Гостивар, Бутел игра со Вардар, а Тетекс ТТК е слободен.

Г.М.
Фото: Анамарија Момироска