Охридскиот договор може да испадне и визионерска работа за Република Македонија за 20-тина години кога Македонците со Албанците ќе бидат пола -пола во земјава. – Љубчо Георгиевски

Тоа беше првпат, Вашингот и Брисел да не делуваат пост фестум, туку благовремено и превентивно и во целосна меѓусебна координација. – Бранко Црвенковски

Најмногу стравував од поделба на земјата. Затоа што ако бевме доведени во ситуација да ја поделиме земјата, тоа ќе беше најголема трагедија, како за Македонците, така и за Албанците. – Али Ахмети

Овие искази се дел од документарниот филм „10“ кој обработувајќи ги состојбите околу Охридскиот рамковен договор од 2001 година, зборува за медијацијата и преговарањето како за современи средства за надминување на политичките конфликти.

Филмот од денешна дистанца низ ракурсот на политичарите зборува за политичките, но и за интимните, емотивните предизвици низ кои тие поминувале, како и за тешките и деликатни одлуки што морале да ги донесат под различни видови притисоци на кои што биле изложени – конфликтот, насилствата, политичкиот момент, меѓународната заедница, иднината на земјата.


Неколку неекспонирани фактографски работи се провлекуваат низ сценариото, со цел експлицитно да го прикажат политичкиот, емотивниот, човечкиот предизвик на учесниците во преговорите. На пример дека едно од барањата на македонската страна, кое било одбиено, било Али Ахмети да замине од земјата или да не се занимава со политиката во наредните 5 години.

Педесетминутниот документарен филм “10” е во продукција на Агенцијата за социјален адвертајзинг „Партес“ која 10 години работи на продукција на специјализирани медиски производи со социјална тематика, пред се за странскиот пазар.

Уредник на филмот е Назим Рашиди, специјален констултант Зоран Бојаровски а продуцент и режисер Небојша Илијевски.

Филмот е поддржан од Американската и Норвешката амбасада во Република Македонија, а ќе се емитува премиерно вечерва во 20 часот на ТВ Телма и репризно во 20:оо часот во сабота. Филмот ќе го емитува и МТВ втора програма.

OhridNews