Инженери од трите големи електроенергетски компании во Република Македонија, ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН, како и од водечки домашни и странски компании, ќе учествуваат на 10 –то Советување на МАКО СИГРЕ, што во организација на Здружението на инженери МАКО СИГРЕ ќе се одржи од 24. до 26. септември во Охрид, во хотелот Метропол. На советувањето се пријавени над 300 учесници, а се очекува да бидат презентирани 108 стручни и научни трудови од областа на елктроенергетиката. 

Работниот дел на Советувањето започнува со панел сесија посветена на мрежното и пазарното поврзување на земјите од Југоисточна Европа. Стручните и научни трудови ќе бидат организирани во 16 одделни сесии, кои се проследени со дискусии меѓу авторите и учесниците на Советувањето. Годинава ќе има три технички презентации, а изложбениот простор ќе го користат 10 компании. 

Во рамки на првиот ден од јубилејното 10-то Советување на МАКО СИГРЕ предвидено е и потпишување на договор за соработка меѓу Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) од Скопје и КОНЧАР – Инженеринг за енергетика и транспорт (КЕТ) од Загреб. Соработката, покрај другото, опфаќа и реализација на научно-истражувачки и развојни проекти, размена на знаења и донација на опрема. Во оваа прилика ќе биде објавена и донацијата на компанијата КОНЧАР – Инжинеринг за енергетика и транспорт на СЦАДА систем ПРОЗА НЕТ за „Центарот за трансфер на технологии и иновации“ (ИННОФЕИТ) кој се воспоставува на ФЕИТ. Договорот за соработка ќе го потпишаат Деканот на ФЕИТ, проф. д-р Димитар Ташковски и претседателот на Управата на КЕТ, г-дин Мишо Јурковиќ.

На утрешното свеченото отворање на 10-то јубилејно Советување ќе присуствува и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој заедно со претседателот на МАКО СИГРЕ проф. д-р Рубин Талески ќе дадат изјави за медиумите.

OhridNews