Иако конкурсот за прием на среден медицински персонал во охридската општа болница беше распишан уште пред парламентарните избори, вработувањата се’ уште не се реализирани. Постапката се оддолжи поради начинот на кој Министертсвото за здравство ја утврдува потребата од отворање нови работни места, што се прави на ниво на држава, а не болница по болница, вели директорот на општата болница Д-р Љубен Арнаудов.

-Пред една недела добивме известување од министерството и тие работни места веќе се пополнети. Сега чекаме да истече рокот од 8 дена за жалби, па да им ги врачиме решенијата на нововработените кадри, така да тој проблем го надминавме. Имаше доста незадоволство, беа примени 5 болничари а на конкурсот имаше пријавено 54 кандидати. Нормално има незадоволни, но министерството си го зеде правото да одлучува по тој критериум, а ние немавме влијание во тој дел. Нас ни беше целта тој кадар кој ни е дефицитарен да се пополни.-рече директорот Арнаудов.

И натаму голем е бројот на лица кои како волонтери со години работат во болницата без решен статус. Арнаудов вели дека ја сфаќа нивната состојба, но законски тие немаат предност во однос на другите кандидати при вработување.

– Кога се потпишува волонтерски договор ние како болница бараме луѓе кои сакаат да ни помагаат, но како правно лице немаме обврска да ги вработиме. Тие имаат надеж, безработица е и се фаќаат за сламка, но на сите лично им кажувам дека ние немаме обврска да вршиме вработување, тоа исклучиво се прави согласно новите законски прописи, различно е за лекарите, различно е за средниот медицински персонал и различно е за пониските служби.  Волонтерското работење е само помош за болницата, нема преносно влијание да мора тие лица да бидат примени на работа.-појаснува Арнаудов.

Тој вели дека има лица кои волонтираат и по 12 години и дека е морално нив да им се помогне. Министерството е запознаено со оваа проблематика, но треба време да се среди овој проблем, додава Арнаудов.

OhridNews