Деновиве во  книжарницата Клуб Матица Ексклузив се одржа промоцијата на книгата “Поезија, разкази и драмски текстови од Радослав Петковски“ од Проф Д-р Нада Петковска, а во издание на Панили, 2016,424.

“Стогодишнината од раѓањето на Радослав Петковски е добар повод за навраќање кон неговото дело, кон неговата литературна заоставнина, која воопшто не е занемарлива. Секогаш треба да бидеме отворени кон нови средби со минатото, затоа што новите пристапи кон него отвораат простор за негово превреднување, откриваат некои навестувања кои во моментот на неговото настанување не биле препознатливи, за потоа да станат мошне важен фактор за идниот развиток на литературата“- потенцираше авторот Д-р Нада Петковска во своето излагање.

Промоцијата ја водеше Проф Д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Таа истакна дека оваа книга е пред сẻ е предизвик не само за авторката, проф. д-р Нада Петковска, која развива една посебна форма во релацијата претходник-следбеник, зашто во Радослав Петковски таа го има истовремено и биолошкиот и книжевниот татко, туку и за македонската културна средина, зашто се јавува како сериозен обид за добивање вистинска слика за најголемиот дел од опус на Радослав Петковски.

„Имено, неговото дело досега е објавувано само парцијално, така што овој ангажман на Петковска е еден вид надоврзување или надополнување на она што веќе е понудено. Има и еден реален зазор од можен заборав на делото на овој македонски писател, зашто како што пишува Петковска во своето обраќање, сеќавањето за Радослав Петковски кој е познат како автор на збирката раскази под наслов „Рибарот Климе“ според неговиот најпопуларен истоимен расказ, која веќе и не е задолжителна лектира, можно е да избледи.“ – рече Мојсова-Чепишевска.

Ова најново издание, освен што е озвучено со изборот стихови од 31 песна, со приказните од 21 расказ и со текстовите на трите драмски текстови: „Продадена“, „Збогум, татко!„ и „Зборот на борецот“, тоа е засилено и со извонредниот поговор-студија на Нада Петковска развиен на стотина страници кој повикува на едно објективно и неутрално препрочитување на делото на Радослав Петковски, на исчитување со претходно ослободување од некои веќе создадени шеми и стреотипи.

Во т.н. група охридски автори која ја сочинуваат: Борис Бојаџиски, Димче Маленко, Ванчо Николески, Миле Волканоски, Видое Видически, Радослав Петковски како да има посебно место. Ѕвездата што гасне во белите мугри на македонската литература, како што го нарече академик Гане Тодоровски, е дел од една историска генерација основоположници на развојната етапа која се покажа и како авангарда во битките за националното опстојување и за поткрепа во стабилизацијата на нацијата и државата. 

Денес ова творештво треба да се прочита неутрално,објективно, да се ослободи од некои шеми и стереотипи, при што ќе стане јасно дека убавината на делата на Радослав Петковски е пред се во искреноста со која се искажуваат интимните доживувања, со која се искажуваат интимните доживувања, со која се опишуваат тажните епизоди од живото на малите луѓе,при што доаѓа до израз извонредното мајсторство за деталот, за психологијата на овие луѓе,нивниот стоицизам и големината на надежта кај сите кои очекуваат поинаков живот, но и нивните лични трагедии. Не помалку доживеани се описите на природата, на атмосферата на малиот град…., смета критиката.

„Нацијата што не ги цени и што не знае да ги цени своите раскажувачи, го губи своето детство.“ Така и оваа книга „Поезија, раскази и драмски текстови од Радослав Петковски“ што ја подготви Нада Петковска е потсетување да не дозволиме да ни се случи заборавање! Зашто што е човекот без своето детство!“ – рече Д-р Весна Мојсова Чепишевска.

СНОШЧИ ТЕ ЉУБЕФ

Сношчи те љубеф,момиче мило!
Сношчи те љубеф и си мислеф:
Љубиф,љубиф-се наљубиф,
ја наситив жедна младост!
Сношчи мислеф се наљубиф!
А денеска пак ме мачит,
Пуста младос ненаситна!

Радослав Петковски

OhridNews