Средното учииште „ Свети Климент Охридски“ со свечена академија во Центарот за култура го одбележа патрониот празник.

Директорот на оваа образовна установа, Љубиша Машановиќ гордо зборуваше за успесите на ова училиште.„ Денеска славиме вистински јубилеј, 100 години од основањето на гимназиската зграда и 90 години најблагородната дејност,  воспитно-образовната функција во нашето училиште“, рече Машановиќ.


Охридската гимназија, како што кажа директорот Машановиќ е раритет кој влегува во расадникот на културно-историските споменици во Македонија.„Гимназијата е импозантна зграда кога ги отсликува трите временски димензии, минатото, сегашноста и иднината. Од неа излегле  5 академици, над 90 доктори на науки, магистри и многу научни работници“, рече директорот.


Тој најави дека по новиот екстериерен лик, ќе се средува и ентериерот.„ Нема да застанеме тука. Интенција на сите вработени е да се сочува квалитетот на нашата образовна институција. Доследно ќе ги имплементираме европските реформи во образованието и ќе инвестираме во квалитетот на образовните услуги“, најави Машановиќ.


Во рамките на свечената академија беше отворена ликовна изложба, а беше промовирана и книгата „Во потрага по средношколското време. 


Училиштето награди и ученици кои учествуваа на објавениот конкурс по повод патронатот, а свеченоста беше збогатена и со музичко-литературна програма.

А.Р.
фото: ДИГИТАЛ ФОТО МИКИ