Со 108 килограми експлозив вчера доцна попладне започна уривањето на хотелот „Парк“, еден од најстарите туристички капацитети на охридската ривиера.  Дел од објектот оддолеа на експлозијата и според најавите на инвеститорот ќе биде употребена дополнителна количина експозив за негово уривање, што заради безбедност ќе се одвива етапно во наредните денови. Минирањето го врши специјализирана компанија.

На местото  на хотелот Парк ќе се гради апартмански комплекс со приземје каде ќе има ексклузивен ресторан, пет ката и потпокрив. Објекот што ќе го гради градежната фирма „Градежник“ќе има 200 луксузни апартмани. Вкупната инвестиција се проценува на 20 милиони евра, од што околу 1 милион ќе легнат на сметката на општината на име комуналии. Според инвеститорот објектот ќе биде висока класа со  5 ѕвезди и најубав на ривиерата,  изградбата ќе трае две години и ќе бидат задржани сите вработени од х. Парк.