Од утре до недела во Охрид ќе се одржи 11 годишен собир на Википедијанци од Централна и Источна Европа – Wikimedia CEE Meeting 2022.

Главен фокус на Конференцијата се проектите на Викимедија (Википедија и слични проекти) во земјите и заедниците од Централна и Источна Европа а ќе учествуваат над 120 учесници од повеќе земји во деловите на Централна и Источна Европа, информираат организаторите.

Настанот ќе го отвори градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков а ќе зборуваат и организаторите од Македонија, Снежана Штрковска, Кирил Симеоновски и Николче Стојановски.

Собирот се одржува со мотото „Повторно заедно“, „Bringing back together”, а ќе започне на 13 октомври со т.н. Learning day, каде ќе се дискутира за креативноста, влијанието на можните и присутни конфликти и стратегијата на работа на Википедијанците од Европа.

Трите дена ќе бидат посветени на разните структури во пишувањето на статии, текстови а секако за нас најважниот дел, збогатување на Википедијата на македонски јазик, со што нашиот македонски јазик е присутен насекаде. Вклучувањето на што поголем број креатори на содржини на македонски јазик ќе ја зголеми присутноста во целиот свет, додаваат во соопштението.

Гостите, потенцираат, ќе имаат и организирана тура низ преубавиот Охрид и посета на сите позначајни македонски паметници од различни времиња.

OhridNews