
Кажувања за Охрид…
Ристо Кузмановски
________________________________________
1100 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА
СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ
НАУМОВИОТ МАНАСТИР НА БРЕГОТ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

Манастирот Свети Наум бил изграден во периодот кога со доаѓањето на словенските просветители Сети Климент и Свети Наум, ученици на Светите Кирил и Методиј, овој крај станал центар на Словенската писменост, духовност и култура, во крајот на 9 и почетокот на 10 век. Со доаѓањето на Свети Климент (во 886 година) и на Свети Наум (во 900 година) во охридскиот крај, овде започнува големата епоха на словенската преродба и создавање на ново културно жариште, почнува златниот век на словенската писменост и култура. На тој начин во подоцнежните децении, овој словенски центар на почвата на средновековна Македонија ќе има мошне големо влијание врз писменоста и духовноста на словенските народи, влијание кое се ширело се до Киевска Русија и Владивосток и подрачјето на Пацифик на источна Азија.
Бројни преданија укажуваат врз фактот дека најголемиот соработник на Свети Климент, Свети Наум се занимавал со благотворна работа, со лекување. За ова наоѓаме потврди низ пушуваниот збор и сликарските дела – на иконите и фреските – посветени на дејноста на Свети Наум Охридски и неговите чуда, кои во народната традиција и денес се мошне популарни и се прераскажуваат.

Во науката се познати две словенски житија посветени на Свети Наум. Научните истражувања на проф. Димче Коцо, на Наумовата црква, кои ги започнал во август 1955 година, а продолжија во наредните години, покажаа дека сегашната црква лежи врз темели на една постара црква. Остатоци пак на првобитната црква, по археолошките ископувања и извршената конзервација, повторно беа затрупани. Врз нив е направен нов под, на кој основата на првобитната црква е означен со црн и со бел мермер. Така денес на посетителите на Наумовиот манастир им се пружа прилика да добијат поодредена претстава за првобитниот изглед на Наумовата црква.
За остатоците на Наумовата црква се постави и прашањето за улогата на Климентовата црква Свети Пантелејмон во Охрид во овој најран период на македонската средновековна архитектура. Проф. Димче Коцо соопштувајки ги резултатите од своите проучувања, заклучува дека Климентовата црква Свети Пантелејмон во стариот (ритчест) дел на Охрид послужила како образец за градењето на Наумовата црква, а и за други (триконхосни цркви градени во основата во облик на детелина) во Македонија од овој период, а и во наредниот период. Заклучокот е дека Наумовата црква посветена на Светите архангели Михајло и Гаврил и Климентовата црква Свети Пантелејмон во Охрид биле првите словенски споменици на црковната архитектура за кои се знае во охридскиот крај.
Археолошките ископувања што започнаа во 1955 година, а продолжија подоцна, помогнаа да се расветли и загатката на 
За повеќе векови на минатот постоеја и постојат празнини за историјатот на манастирот и манастирската црква Свети Наум. Оваа празнина воедно се однесува и на урбанистичкиот изглед на манастирскиот комплекс со сите придружни објекти. Најголем број податоци за манастирот Свети Наум има за 19 век. Имено, сознанијата на истражувачите на манастирот Свети Наум се збогатија во осумдесеттите години на 20 век. Тогаш во научната јавност беше презентиран летописот за манастирот Свети Наум, кој во 1972 година од охридскиот свештеник Фоти Масин го откупи Историскиот архив на Охрид. Желбата на свештеникот Масин била овој ракопис додека е жив да не се публикува.
Летописот е пушуван во втората половина на 19 век од роднините на семејството Масинови од тогашниот секретар и учител во манастирот, Наум Димитрија Петру. Овој документ претставува мошне значаен извор за историјата на манастирот. Петру на должност секретар на манастирот Свети Наум бил поставен во 1855 година. Тој наедно бил учител во манастирот и свештеник и се грижел за економската состојба на манастирот. Значи, станува збор за автор на летопис од кого од прва рака изворно се дознава за многу случувања поврзани за манастирот Свети Наум. Во тој контекст од посебно значење е студијата на д-р Наум Целакоски за летописот на манастирот Свети Наум, прв пат објавена во Зборникот „Наум Охридски“.

Во втората зона на Наумовата гробна капела се развива циклусот на животот и чудата на Св. Наум Охридски, кој веќе со споменатата композиција на „Успение на Св. Наум Охридски“содржи вкупно десет сцени и претставува циклус со најголем број на теми илустрирани во ѕидното сликарство во Македонија посветени на Свети Наум. Почнувајки од северната страна споменатите сцени една по друга се насликани по следниот ред: “Впрегнување на мечката во јаремот“, „Вкочанување на монахот што се обидел да го открадне телото на Свети Наум од неговиот гроб“, „Лекување на нернво заболени“, „Крадецот на коњот кој зората ја затекнува пред вратите на манастирската црква“, „Царот Михаил го осудува Свети Наум,“ „Свети Наум го водат во затвор“, „Крштевање на ќерката на царот“, „Казанот остава впечаток во каменот“ и „Свети Наум ги прогонува Богомилите“.
Пет сцени од циклусот на животот на Свети Наум – “Впрегнување на мечката во јаремот“,„Вкочанување на монахот“,„Лекување на нервно заболени“,„Крадецот на коњот“ и „Ведрото остава впечаток во каменот“ – може да се каже дека се насликани според верувањата за чудата на Свети Наум што настанале и се пренесувале од генерација на генерација во кругот на манастирот и во соседните села и населби. Преданијата за Свети Наум имаат долга традиција кај населението околу манастирот и пошироко. Во нив Свети Наум повеќе е познат како чудотворец. Тој прави разни чуда: впрегнува мечка во јарем, наместо волот, кој пред тоа мечката го изела, лекува разни рани и болести, ги казнува крадците…

Колкаво големо значење му се придавало на Наумовите чуда со мечката може да се потврди со изложениот музејски експонат во еден од конаците на манастирот на Свети Наум, каде се чувала пополната кожа на големата мечка. Повеќе преданија на Свети Наум се поврзани со неговата моќ за лекување на рани и разни болести. Особена способност, според народното предание, Свети наум имал при лекување на парализираните делови на човечките тела и тоа: делови кои се сушеле, кои биле немоќни или безживотни. Посебно место меѓу Наумовите чуда, во народната традиција, зазема неговата моќ за лекување на душевно заболените лица.

Во Турскиот период, во текот на голема селидба на Балканските православни народи (Македонците, Србите и другите) во Унгарија, во Сетандреа и во другите крајбрежни населби на реката Дунав, биле пренесувани сеќавањата за чудотворната моќ на Свети Наум Охридски и Свети Климент Охридски и биле пренесувани и обичајите од родните краишта на Балканот. На прашање “Која Слава славите?“, денес од православните жители во Унгарија може да се добије и одговор: “Го славиме Свети Наум“, или: “Го славиме Свети Климент“.













