110 години од раѓањето на А. ден Долард (A. den Doolaard)


СВАДБАТА ВО ОХРИД

Близу 70 години А. ден Долард (1901 – 1994) беше најпознатиот холандски писател во Македонија, без притоа воопшто да биде преведуван на македонски јазик. Оваа „привилегија“ ја имаше заслужено најмногу со романот „Свадбата на седумте Цигани“, а делумно и со романот „Ориент–експрес“. Негови најголеми промотори беа бројните холандски туристи во Македонија, како и некои нивни македонски пријатели. Меѓувремено сите ја истакнуваа потребата од превод на книгата со која авторот ја прослави убавината на Македонија, посебно на Охрид и Охридското Езеро.

На 15 септември 2006 година по свеченото отворање на 9-тата охридска ПЕН-конференција, во охридскиот хотел „Горица“ беше претставено првото издание на македонскиот превод на „Свадбата на седумте Цигани“. Како преведувач на романот е потпишана Виолета Лопстра – Стојановска, а издавач е „ВИС ПОЈ“ од Охрид.

„Свадбата на седумте Цигани“ на македонски јазик е пренесена како „Свадба во Охрид“. Свадбата, опишана во романот, навистина се случува во Охрид, па ваквиот наслов е прифатлив во однос на содржината. Единствениот проблем би се јавил можеби кога некој потенцијален читател би ја побарал според оригиналниот наслов.

Штом свадбата е во Охрид, на Бранко Марковиќ и Душка Боровиќ, зошто тогаш авторот ја запишал како „свадба на Цигани“?

Книгата е сочинета од 18 делови, секој со свој засебен наслов: Алкохол (Alcohol), Црквичката на карпата (Het kerkje op de klip), Љубов меѓу цвеќиња (Liefde tussen distels), Ѕвезди над Охрид (Sterren boven Ochrid), Сребрениот појас (De zilveren gordel), За лудите и светците (Van dwazen en heiligen), Бранко не се двоуми повеќе (Branko twijfelt niet meer), Господин Анте нарачува музичари (Heer Ante bestelt muzikanten), Танцот во ноќта (De dans door de avond), Зорка (Zorka), Нада (Nada), Вера (Vera), Љубица (Ljubitsa), Мила (Mila), Марја (Marja), Јелка (Jelka), Бегството во Албанија (De vlucht naar Albaniё), Душка (Doesjka). Сиве овие приказни се надоврзуваат и сочинуваат една целина.

Самите наслови ја одразуваат целокупната содржина на книгата. Протагонистот на романот, Бранко, е во постојано друштво со алкохолот, но во црквичката на карпата („Св. Јован Богослов“ во Охрид) ја запознава Душка. Кај нив се раѓа љубов меѓу цвеќињата, која расте покрај езерото со ѕвездите над Охрид. Душка става сребрен појас и со Бранко оди во местото „за лудите и светците“, а тоа е манастирот на св. Наум. Поради големата љубов кон Душка, Бранко не се двоуми повеќе, дали да се ожени или не, па господинот Анте нарачува музичари. Со танцот во ноќта кај Бранко се будат спомените на жените во кои претходно бил вљубен: Зорка, Нада, Вера, Љубица, Мила, Марја, Јелка. Болните спомени и несигурноста пред брачните обврски го тераат на бегство во Албанија. По него доаѓа Душка и го враќа во Охрид, назад во својот живот. Каде се Циганите во целава оваа работа?

Иако со појавата во оригиналниот наслов се добива впечатокот дека во брак истовремено стапуваат седуммина Цигани, тие не се женат, барем не во овој роман. А тие сепак се присутни низ целата содржина на романот. Уште со првата реченица, авторот ја навестува нивната непосредна поврзаност со дејството во романот, како и со насловот:

„Бранко Марковиќ мислеше дека повеќе не верува во љубовта, и затоа тој се предаде на тројната интоксикација, која можеше да ја купи со пари: пијалок, жени, циганска музика.“

Уште на почетокот од приказната авторот нè запознава со суштинската природа на главниот јунак. Тој не е со циганско потекло, но ја има „циганската“ душа. Тој е олицетворение на традиционалниот цигански живот, онаков каков што се задржал во колективното паметење на човештвото: вечно скитање по патиштата и живот исполнет со музика. Циганскиот живот подразбира и непостојаност во однос на местото на живеење или работата. Имено, таков е ликот на главниот јунак. Заеднички за Бранко и Циганите е стравот од непознатото, од животот кога тој станува поинаков од оној на кој навикнале. Оттаму доаѓа отпорот кон промените.

Циганите се присутни низ целата приказна, но клучната улога ја одигруваат на свадбата. А таа е средиштето околу кое се одвиваат сите случувања во романот. Дури половина од главите на книгата се посветени на свадбата со сите придружни настани.
Во писмото до Душка, Бранко пишува:

„Вечерва, седумте Цигани свиреа песни од моето минато. Ти го почувствува мојот очај, но не го разбра, и затоа морам го оправдам моето бегство. Секоја нота беше понижување, секоја мелодија распарчување на заблудата: дека можам да бидам достоен за тебе, да можам да се оженам со тебе. Ти барем ме промени до таа мерка што јас го видов моето минато со твоите очи.

Циганите ги среќаваме и на крајот од романот. Последните зборови на Бранко се покана, упатена до стариот цигански музичар со име Ахмед:

„Јас имам сè, Ахмед, разбираш? Сè! Освен пари! Но, можеш да дојдеш да ги земеш, следниот пат, кога ќе дојдеш да свириш кај мене во Охрид. Кога е тоа, глупава главо? Во текот на следната година, на крштевањето на нашето прво дете!“

Преку оваа покана Бранко ја покажува сопствената намера: Циганите со нивната музика да останат дел од неговиот живот и во иднина. Тешко се менуваат навиките, посебно кога тие се поврзани со најинтимните доживувања од младоста. И не само поради тоа!

Нели името Ром, како посовремена и меѓународна службена форма за именување на Циганите, означува „маж“ и „сопруг“. Да бидеш Ром, значи да бидеш маж, човек. Независно дали ќе ги наречеме со традиционалното име Цигани (кое често се употребува за жал и со негативно значење) или Роми, стереотипот за овие луѓе ја претставува сликата на човештвото во неговото првобитно издание: вечни скитници, собирачи на плодови и… трагачи по среќа! Исти какви што сме и денес, ние, последното издание на човештвото: во постојано движење (поради туризам или службени патувања), вечни трагачи по среќата и алчни собирачи на плодовите од сопствениот или туѓиот труд. А по секоја успешна берба на плодови и среќа, луѓето прославуваат со пијалоци, храна и музика. И свадбата е прослава. Славење на успешно завршената потрага по среќата. И ниедна прослава не може да мине без пијалок, храна и музика.

Во романот, А. ден Долард ставил равенство меѓу Циганите и Бранко. Ако Бранко е синоним за традиционалниот цигански начин на живот, тогаш во Циганите се огледува Бранко. Сите заедно се едно исто: ги сакаат истите убави нешта во животот и заеднички им е стравот од непознатото, поинакво живеење. Токму затоа таа свадба е нивна: на Бранко, но и на Циганите и сите други „луѓе со циганска душа“. Оттаму и вистинскиот погодок на авторот, романот да го наслови така како што го знаеме уште од неговото прво објавување во 1939 година: „Свадбата на седумте Цигани“! Поубав и посодржаен наслов не можел да најде. Насловот ја одразува целокупната содржина на романот и воопшто немало потреба македонскиот превод да добива поинаков наслов.

Покрај толку многу циганска музика и емоции покрај синото езеро, сместено во јужните предели на Европа, овој роман делува крајно романтично, посебно за холандските читатели. Но, тука нема некоја оригиналност во однос на фабулата: непознат туѓинец пристигнува во мало место и се вљубува во убава жена; таа на љубовта му возвраќа со љубов; доаѓа до мелодраматичен пресврт кога мажот неочекувано и тајно ја напушта жената (или барем така би требало да изгледа), па таа сака по секоја цена да го врати назад во својот живот. На крајот, приказната има среќен завршеток во стилот на класичните бајки од цел свет: „..и така тие заминаа во неговиот дворец и таму среќно си живееја сè додека смртта не ги раздели“! Или нешто слично. Добро позната и разработена шема, сме ја прочитале во многу книги, а со развојот на кинематографијата и телевизијата, ја гледаме во разни играни и сериски филмови.

И местото на настанот не е нешто оригинално. Дејството во романот се одвива претежно во мала тивка населба покрај вода, со кратки излети во подалечни места. Во случајов тоа е некогашниот мал и тивок град (чиста спротивност на денешниот) Охрид, на брегот од големото сино езеро. Сосема типично за големите љубовни приказни во вакви мали места, тука има чамци, како и многу патријархални соседи, чичковци и тетки. Впрочем, поинаку не можело да биде. Тука писателот веројатно немал голем простор за движење. Измислени или вистински, љубовните приказни ги имаат истите состојки без кои не се може: вљубен маж и вљубена жена, противници и поддржувачи на нивната заљубеност, како и многу падови и подеми во врската, и се разбира, сето тоа не минува без многу солзи и воздишки.
За нас тоа сега е историја, но авторот романот го пишувал во сегашно време. Имено, дејството во романот е ставено во времето кога е пишувана книгата, 30-тите години на минатиот век, кога Македонија е под српска власт. Затоа насекаде низ романот се зборува српскиот јазик и сите Македонци имаат презимиња со наставката -иќ.

За да не биде неговата книга чисто повторување на други љубовни приказни, А. ден Долард вложил дополнителен напор. Во тоа многу му помогнал и неговиот номадски начин на живот. Книгата ја пишувал во разни градови (Охрид, Скопје, Белград…) и имал добри познавања на местата коишто ги спомнува во книгата. Така од прва рака можел да ја добие вистинската информација, како и инспирацијата да напише една поинаква љубовна приказна.

Она што прво паѓа в очи е обидот на авторот да ја избегне монотонијата во текстот, која порано или подоцна може да се појави при читањето подолги прозни дела, па го одвраќа читателот од понатамошно читање. Освен што романот е поделен во 18-те глави со различни наслови, авторот внесол и други содржини кои имаат непосредно влијание врз разнообразноста на текстот.

Како што авторот ги следи авантурите на главниот јунак низ кафеаните на некогашното Кралство Југославија, така внесува и стихови од песни од различните предели на кралството. Книгата прикажува многу песни, кои целосно или во делови се застапени низ целата содржина. Некои се претставени дури и со нотни записи. Музичките ноти создаваат посебен визуелен впечаток и пријатно чувство на опуштеност. Затоа, неоправдано и несфатливо е, зошто во македонскиот превод тие се ставени како додаток, дури по поговорот напишан од Благоја Иванов? Со нивното отстранување од јадрото на романот, во целост е нарушен оригиналниот концепт на книгата.

Друг многу важен сегмент е назименичното менување на литературниот и новинарскиот стил. Во текот на наративниот запис за најновата и веројатно последна авантура на Бранко, авторот вметнува бројни описи со фактографско значење.
Вметнувањето на професорот Сигоњ во приказната е повод за зафаќање со историјата на уметноста, посебно во однос на средновековните цркви и манастири. Во повеќе наврати, А. ден Долард преку професорот Сигоњ раскажува за некои македонски средновековни споменици. Св. Пантелејмон во скопско Нерези, на пример. Притоа го потцртува нивното значење во светски рамки:

„Овде, во оваа негостољубива река и планински пештери беше родена Ренесансата.“

Иако книгата е пишувана од 1933 до 1939 година, кога Македонија во техничкиот развој е многу поназадна и со примитивна инфраструктура, описите на некои месности и денес би биле корисни за посетителите. Се добива чувството дека писателот, откако еднаш решил да ги наведе читaтелите да ја посетат Македонија, сакал да им покаже уште како да дојдат до местата кои ги има опишано во романот и кои се нивните особености.

„Охрид, рече Бранко мирно. Задната страна од овој рид паѓа стрмно во водата, професоре; планините, кои ги гледате во далечината, сите и припаѓаат на Албанија, зашто граница минува преку езерото кое овде е широко осум километри.“

А. ден Долард бил воодушевен од сето она што го видел во Македонија и таа своја воодушевеност ја има искажувано многу пати во „Свадбата на седумте Цигани“:

„Каква земја, се смееше тој, какво богатство! Со денови се чувствувам како да седам на некоја историска жичарница.“

Не знаеме колку има вградено од својот личен живот во оваа книга, но можеме лесно да заклучиме дека местата, луѓето и настаните во романот се преземени од личното искуство на авторот. Пред сè, Охрид и другите места во кои се случува дејството на романот, се истите места кои авторот ги запознал на своите бројни патувања. Тоа го потврдува и со точните описи. Тој е толку многу прецизен во тие описи што во детал ги опишува посебностите на црквите и манастирите, карпите врз кои се подигнати, патеките кои водат до истите тие цркви и манастири. Раскажува дури и за нивната состојба во тоа време:

„Најубавите цркви се презапуштени за секојдневни служби; а Бранко, на пример, сигурно знаеше дека вратата на „Света Софија“ ќе ја најдат затворена.“

Блиски му се и личностите. Од биографијата на А. ден Долард знаеме дека и тој водел некаков активен номадски живот. Притоа фотографиите и фотографите претставуваат значаен дел од неговиот живот: фотографирал и се дружел со фотографи. Така, на пример, долго време соработувал со фотографот Кас Ортуис (Cas Oorthuys) и заедно имаат објавено неколку патописни книги. Затоа не е случајност што протагонистот во „Свадбата на седумте Цигани“ е токму еден таков фотограф во постојано движење. Бранко Марковиќ би можел да биде олицетворение на некој фотограф од неговото лично опкружување, па дури и на самиот автор лично.

Со вистинските или изменети имиња, Циганите во „Свадбата на седумте Цигани“ се слика на циганските музичари кои авторот ги среќавал во кафеаните или по патиштата на балканските простори. Кружејќи околу Охридското Езеро, или пиејќи кафе во дебелата сенка на 1000-годишниот чинар во Охрид, А. ден Долард ја имал можноста да сретне многу месни занаетчии, градинари, рибари и калуѓери. Со вистински или променети имиња, и нив ги вметнал во приказната за Бранко и Душка. Затоа, љубовната приказна за „свадбата на седумте Цигани“ можеме да ја сметаме за лична исповед на авторот и патопис за македонската земја. Така го зачувал и споменот за еден одамна исчезнат свет, сега наречен историја.

Мишо Јузмески