
Програмата содржи вкупно 37 мерки. Од проектираните средства, 3,49 милијарди денари се за растително производство, 2,3 милијарди се наменети за сточарството, а 130 милиони денари се за органско производство.
-Додадени се и нови мерки, во сточарството дополнително субвенционирање за задржување женски грла со цел зголемување на основните стада, а во градинарството првпат се прави категоризација по одделни култури врз основа на четири критериуми, цената на семенскиот материјал, технолошката интензивност, трудоинтензивноста и учеството на производот во извозот, стои во објавата на веб страницата на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.
Во него се појаснува дека посебна категоризација има и во преработувачката индустрија, а во овоштарството, за првпат се воведуваат субвенции за предадено овошје во индустриските капацитети и за произведени јагоди во затворен простор.
Исто така се зголемува и поддршката во делот производството и употребата на сертифицираното семе и саден материјал, како и во производството на сточна храна и пченка.
-За хектар пченица, рж, јачмен, пченка, ориз, овес, сирак, просо, хмељ, леќа, кикирики, соја, сончоглед, маслодајна репа, афион, шеќерна репа, памук, граор, засеана или одржувана површина се предвидени 9 илјади денари или шест отсто повеќе, дополнителни илјада денари за хектар сточна храна или пченка, за сончоглед и ориз плус 3 илјади денари, 50 отсто повеќе за домати и краставици и 15 процентно зголемување за пипер и компир, пишува меѓу другото во објавата.
Зголемување од 15 на 25 денари или 67 отсто има за продаден лозов и овошен сертифицран, безвирусен саден материјал кој очеуваме да овозможи зголемени и здрави приноси, за четири проценти се зголемуваат субвенциите за обележани грла говеда, а се воведува и мерката со која се даваат по илјада и петстотини денари за обележано женско грло. Планирана е и дополнителна поддршка од 2 илјади денари за заклано грло говедо одгледувано од октовмри 2011 до април 2012. За обележани грла овци поддршката се зголемува за пет отсто, но, се воведуваат и нови 700денари за женско јагне.












