Најобилните дождови во последните неколку децении предизвикаа огромни поплавувања во централната кинеска метропола Женгжу, јави ДПА.

Локалните власти денеска информираа за 25 смртни случаи, но се стравува дека бројката на пронајдени безживотни тела ќе биде многу поголема.

-Спасувањето животи е врвен приоритет, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг.

Метеоролошките служби на провинцијата Хенан и градот Женгжу ја подигнаа подготвеноста на службите за катастрофи на ниво 1, а прогнозите предвидуваат дека денеска до доцна навечер во покраината ќе паѓаат обилни дождови.

Во невообичаено активната дождовна сезона, провинцијата Хенан беше погодена од невреме кое трае од викендот, како резултат на што реките се излеаја од своите корита и ги преплавија улиците во десетици градови.

Во Женгжу, главниот град на Хенан, на бреговите на Жолта река, во вторникот паднаа повеќе од 200 мм дожд за еден час, принудувајќи го градот да го прекине целиот сообраќај во метрото.

Метеоролошките служби во Женгжу соопштија дека се работи за најобилни врнежи од дожд за еден ден од почетокот на мерењата пред 60 години.

Кинеската војска во вторникот предупреди на непосредна опасност од пукање на браната Јихетан во Луоанг, град со околу седум милиони жители во провинцијата Хенан.

 

 

OhridNews